Работниците од јавниот сектор незадоволството ќе го изразат на улица, соопшти штрајкувачкиот одбор на претседателството на ССМ.
Поконкретно, како што потенцираат од Синдикатот, в понделеник, 27 јуни, од 7 до 10 часот ќе застанат на влезот на главниот град Скопје на раскрсницата во населба Автокоманда на булеварот „Александар Македонски“ со „16 Македонска бригада“, а ќе бидат пропуштани само возила на итна медицинска помош, полиција, армија и пожарна.
– Пораката ќе биде јасна за пратениците кои не даваат поддршка и глас за предлог амандманот на ССМ, зошто работниците не се задоволни од нивната продуктивност и ангажман за надминување на работничките проблеми, а на овој начин пратениците нема да можат да стигнат во Собранието за да наплатат патни трошоци, а истото важи и за владините министри кои се глуви за работниците и работничките барања во оваа криза, велат од ССМ.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија сметаат дека сите работодавачи треба да ги следат примерите од локално ниво каде што штрајкот е со успех и работниците го добиваат заслуженото и одработеното усогласување на платите за 2806 денари, што е едно од главните барања и главна причина за штрајкот.
– Вработените во јавниот сектор се солидарни, како никогаш до сега, работниците во јавниот сектор кои добија усогласување на платите овие три изминати денови штрајкуваат и за работниците кои не добија солидарно усогласување на нивните плати за 2806 денари, соопштија од ССМ.
Денеска генералниот штрајк на ССМ се одржа пред Министерството за финансии, каде повторно побараа нивното барање за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник да се вметне или преку амандман во ребалансот на Буџетот или преку Општиот колективен договор.