Вашите резултати се уште не се готови. Ова е одговорот кој најголем дел од пациентите го добиваат последните два-три месеци од Институтот за Радиологија – Скопје кој е дел од Клиничкиот центар.
Пациентите чекаат за нивните резултати од рентген снимки, снимки од магнетна резонанца и компјутерска томографија.
Дел од нив ја контактираа нашата редакција и вознемирено раскажуваат со што се соочуваат низ здравствените лавиринти. Меѓу нив има и онколошки случаи кои без резултатите од направените снимки не можат да ја добијат соодветната терапија.
-Не можам секој ден да доаѓам во клиниката. Јас сум од источна Македонија. Се јавував телефонски да ми проверат, но кога ќе ми кренеа секогаш го добивав истиот одговор „Резултатите не ви се готови или напишани“. Ова трае веќе три месеци. Кога доаѓам за прегледи во другите клиники, проверувам и тогаш дали се готови, но уште нема ништо, ни вели повозрасен маж кој ја контактираше нашата редакција.
-Два месеци ги чекам резултатите од снимањето за да можат другите доктори да ми ја дадат соодветната терапија, онколошки пациент сум. Додека чекам резултати, можеби болеста напредувала, а јас не знам. Ова не е нормално што се случува. Само велат, не ви се готови резултатите и креваат раменици. Јас не сум единствена, многу има, вознемирено вели млада жена која води животна битка.
Пациентите велат дека никој не им кажува кога ќе им бидат готови резултатите, ниту од кои причини толку многу се доцни.
Курир вчера се обрати до Министерството за здравство од каде побаравме одговори за ваквата ситуација на Институтот за Радиологија. Оттаму молчат, до објавување на овој текст, не добивме одговор зошто се доцни со резултатите на пациентите и дали ќе побараат одговорност за ваквата ситуација.