Шведската премиерка Магдалена Андерсон денеска изјави дека секое зголемување на екстрадициите, што произлегуваат од договорот со Турција, како и нејзиното пристапување во НАТО, ќе зависи од информациите добиени од турските власти.
-Зависи од тоа какви информации ќе добиеме од Турција во оваа област, изјави Андерсон. Како што рече, при сите екстрадиции продолжуваат да се почитуваат шведското и меѓународното право, а ќе се следи и Европската конвенција за екстрадиции.
Шведска и Финска направија значаен чекор кон членството во НАТО, откако Турција вчера го укина ветото на нивниот прием бидејќи двете нордиски земји се согласија на низа безбедносни мерки. Како дел од договорот, Шведска и Финска се согласија да не ги поддржуваат милитантните курдски групи во североисточна Сирија за кои Турција вели дека се поврзани со Курдската работничка партија (ПКК), која и САД и Европската унија ја ставија на терористичката листа.
-Она што стои во изјавата е нешто што Шведска веќе го прави, рече Андерсон на маргините на самитот на НАТО во шпанската престолнина. Таа додаде дека Шведска нема да ги поддржи на начин што може да претставува закана за внатрешната безбедност на Турција, како што е обезбедување оружје и финансиска поддршка. (МИА)