Околу 2,3 милијарди луѓе во светот се соочуваат со умерени или сериозни потешкотии во добивање доволно храна, што е состојбата пред почетокот на војната во Украина, што предизвика зголемување на цената на житото, ѓубривата и енергијата, се наведува во извештајот на ОН објавен денеска.
„Последните достапни докази сугерираат дека бројот на луѓе кои не можат да си дозволат здрава исхрана ширум светот е зголемен за 112 милиони на речиси 3,1 милијарди, што ги одразува последиците од зголемувањето на цените на храната за широка потрошувачка за време на пандемијата на коронавирусот“.
ОН предупредија дека војната во Украина, што почна на 24 февруари, „го нарушува снабдувањето и влијае на цените на житото, ѓубривата и енергијата“, што доведува до повисоки цени во првата половина на 2022 година, додека се почестите и екстремни климатски настани се исто така нарушување на синџирите на снабдување, особено во земјите со низок приход.
Според извештајот, гладот продолжил да се зголемува во Африка, Азија, Јужна Америка и Карибите во 2021 година, но со побавно темпо отколку од 2019 до 2020 година.
„Во 2021 година гладот погоди 278 милиони луѓе во Африка, 425 милиони во Азија и 56,5 милиони во Јужна Америка и Карибите“, се вели во соопштението.
Развојните цели на ОН бараат крај на екстремната сиромаштија и глад до 2030 година, но во извештајот се вели дека проекциите покажуваат дека осум отсто од светското население, околу 670 милиони луѓе, ќе се соочат со глад на крајот на деценијата.