недела, 4. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Собранието ќе продолжи со работа по пауза од еден час

Собранието ќе продолжи со работа по пауза од еден час

На барање на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Собранието, Талат Џафери објави пауза од еден час. Седницата ќе продолжи во 17:55 часот.

Втор ден во Собранието се одвива дебата по Информацијата за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022 година. Расправата и попладнево поминува на ист начин како и вчера.

Се пријавуваат пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и говорат против францускиот предлог, а кога ќе се пријават пратеници од СДСМ за реплика во салата има неподнослива бука предизвикана од вувузели, труби и свирки со кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги попречуваат да говорат.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова рече дека досега ваква преговарачка рамка немало, за преседан држава, посочи таа, преседан рамка.

Пратеничката на СДСМ, Даниела Марковска истакна дека во ЕУ влегуваме како Македонци со чист македонски јазик.

– За што протестирате вие од ВМРО-ДПМНЕ, изгубени во историјата? Вчера врховисти, завчера антички, а денеска наводно партизани. Во ЕУ влегуваме како Македонци со македонски јазик, а јас како пратеничка од Ѓорче Петров ќе се борам да го сочувам ликот и делото на Ѓорче Петров и тоа токму од вас, ќе се борам да го зачувам ликот и делото на нашите народоноослободителни херои кои вие ги нарекувавте злосторници, порача пратеничката Марковска.

Мирче Аџиоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ обраќајќи се кон пратениците од СДСМ рече „ако е така како што кажувате дека бил заштитен македонскиот јазик, зошто денес добивте демант од заменичката – портпаролка на ЕК која појасни дека вчера од оваа говорница претседателката на ЕК зборувала за јазикот на луѓето во Република Македонија која таа го нарекла македонски“.

– Зошто тоа не го кажавте, праша Аџиоски.

Пратеникот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов рече дека е сигурен дека може да се смени преговарачката рамка.

– Демократскиот сојуз изгради ставови „не“ за францускиот предлог ако не се направат одредени корекции кои се во функција на нашите национални интереси, идентитет, јазик, историја, обичаи и традиции, истакна Трајанов.

Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ во реплика на Трајанов рече дека не е момент за тактизирање. Тој го повика Трајанов да каже дали го поддржува францускиот предлог.

– Јас заедно со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ сме на страната на народот. Ова е понижувачки предлог. Застанете на страната на народот, посочи Јованчев.

Пратеникот Трајанов во контрареплика рече дека бара тоа што вчера го зборуваше Фон дер Лајен да се стави во преговарачката рамка или во пакетот документи.  (МИА)

Најнови вести