Унгарскиот шампион Пик Сегед денеска објави дека постигнал договор за продолжување на соработката со тренерот Хуан Карлос Пастор.
Шпанскиот стратег кој цели девет години е на чело на Пик Сегед во последните сезони бележи одлични резултати, набивајќи му комплекс на Веспрем во трката за титулата во унгарскиот шампионат. Сегед повторно е првак на својата земја, а Пастор како награда доби нов двогодишен договор, заедно со својот помошник Марко Кривокапиќ.
„Кога пристигнав во клубот не очекував дека ќе останам толку долго. Сепак, од година во година се повеќе напредуваме, среќен сум што управата ни верува и ни понуди продолжување на соработката. Врската што постои меѓу тимот и навивачите е фантастична“, изјави Пастор по потписот на новиот договор.