Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок по денешната посета на бегалски камп во Грција изјави дека Европската унија треба да ги чува своите вредности и на надворешните граници.
Таа рече дека земјите од ЕУ треба да направат повеќе за да ги заштитат оние што бараат засолниште од војна и страдање.
– Нашите европски вредности важат и на надворешната граница на Европа. Ако не ги одбраниме таму, тие ќе исчезнат, изјави Баербок во интервју за атинскиот весник „Та неа“.
Германската министерка утре треба да се сретне со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и со министерот за надворешни работи Никос Дендиас.