Регулаторната комисија за енергетика утре ќе одлучува за цената на парното, која ќе зависи од цената на гасот кој е двојно поскап од лани. Ако државата не преземе мерки, цената може да скокне за 150 отсто.
-Ако зголемувањето на цената на парното се ориентира според поскапувањето на природниот гас, треба да изнесува над 150 отсто, но државата ќе преземе мерки на ублажување. Една од опциите да се стабилизира цената на парното греење е скопската когенеративна термоцентрала ТЕ-ТО да работи постојано, особено во зимскиот период и сите домашни капацитети да бидат ставени на располагање, изјави вчера претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Сите најави во Европа се дека доаѓа тешка зима, што ги подгреа стравувањата од проблеми за затоплување на домовите на граѓаните, со оглед на цените на енергенсите кои вртоглаво растат.
Ситуацијата во земјава е дополнително позагрижувачка поради раскинувањето на договорот со Балкан енерџи груп (БЕГ) кој досега беше задолжен за затоплувањето на скопјани. Владата најави распишување на отворен повик за компанија која ќе ја преземе обврската, а во краен случај се најавува можноста грижата за парното да биде префрлена на државната компанија Електрани на Македонија (ЕСМ).
До ваков развој на настаните дојде откако Регулаторната комисија за енергетика во јуни ги одзеде трите лиценците на „Балкан енерџи груп“ (БЕГ).