понеделник, 1. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Автоцензура

Автоцензура

Навистина не можам да сфатам до каде оди сервилниот и полтронскиот однос на некои ликови, од позиција на моќ и власт.

Го разбирам моментот за желба за про западна, ЕУ интеграција. Го разбирам и моментот на воздржување од тешки зборови, или некакво преќутување, во име на мирот, напредокот и развојот, за цел да се приближиме до стандардите на тоа од нас посакувано европско семејство.

Ама, апсолутно никако не можам да го сфатам нивото за автоцензура, само понижување, и газење по ликот и делото на нашите предци. Таква форма на автофагија, каде самите себе се јадеме, не можам да ја ни разберам, ниту да ја протолкувам.

Се некако, случајно се греши, крати и менува химната.  Се некако, случајно се кратат песните со историско значење на официјални настани, цели строфи кои очигледно некому пречат.  Се некако, се менува секаде зборот македонски/македонска.  Се некако, јазикот не е македонски, туку јазикот/јазиците кои се зборуваат во Реп.Сев.Македонија.  Се некако, на битни места почнува за наши луѓе да стои дека се едуцирале или се родиле во Северна, а тоа има ни го шлапнаа пред некоја година.  Се некако, во еден куп општини со мешан етнички состав македонскиот јазик или исчезнува или е втор или трет, иако според закон официјалниот државен службен јазик секогаш е на чело, прв и задолжителен.  Се некако, на државни празници го нема македонското знаме на јарболите по општини, а се веат туѓи.

Сега добивме и официјална препорака дека во културно творештво во филмот, уметноста и литературата, дека треба да се твори на по ведри теми, и да не се споменуваат историски настани, конотации или трагедии. Убаво би било повеќе да се комедии, ама и таму да се повнимавало на содржината и тематиката, нели? Плус ќе се кратат пари за институционални проекти, но ќе имало пари за ен-ве-о секторот и за инвестиции. Супер, ко што нема за сметки и тековно одржување, сега нека нема ни за проекти, убавина. До сега легачеа дел од културњаците, сите сите комплет. Следно што ќе е? Списоци за отстрел?

Најврвното право во демократијата, референдумот како чин, немало потреба да се случува, се било завршена работа, рече актуелниот Премиер и уште неколкумина во раководството. За волја на вистината тие самите организираа еден таков, на кој се полнеа кутии ко луди, и пак истиот пропадна и беше неуспешен, и против волјата на народот, отидоа до крај, и направија како што наумиле.

Драги мои, народе мој напатен.

Се ова што ни се случува во голема мерка е и наша вина. Треба да го имаме и сите ние чувството на вина затоа што секој еден гледа за личниот интерес, а не за националниот, за државата, за ова парче земја од кое го вадиме лебот. Да не беше полтронскиот и клиентелистички однос на добар дел од народот, немаше низ годиниве да поминат низ власта толку лопови, преваранти и хиени. Немаше ни толку тркалото да се врти, за да ова го доживееме. Аналфабети и одродени ликови не водат. Срам ми е што сум дел од оваа генерација која е срамот и бедата во историска конотација. Се‘ се гледа низ призма на некаква тезга, бизнис и лична корист, а напредок, критериуми и стандарди, нема!

Сето ова што се случува, овој предавнички и квази евроинтегрирачки однос, влијае врз здравјето на луѓето. Не ми се верува кој се почина во своите четириесетти или педесетти години од животот. Еден куп луѓе кои сиве овие предавства лично ги преживеаја и осетија. За жив умот не ни доаѓа. Се протестираше, се вршеше притисок и си заминавте сите на одмор. Чиста работа. Само се прашувам како ќе ја преживееме зимата која следи. Дали ќе има парно, и дали ќе има струја, и секако, по која ли цена? Судејќи по кадровскиот потенцијал кој ќе е одговорен за истото, страв ме фаќа, а црно ни се пишува!

 

 

Александар Ристевски

Најнови вести