Кога една структура има предавничка матрица, и кога единствената агенда која ја имаат е власт, моќ и пари, од таквите можете да очекувате се и сешто.
Како тоа една политичка структура, кога е на власт, буквално распродава се што е национално и во интерес на македонскиот народ? Почнаа со референца името, па промена на Уставот, па знамето, па образованието, па користењето на симболи на други држави, па пак Уставот, па територијална организација, еве сега во серија еден куп договори, а ние пак како нација и држава тапкаме во место.
Не сфатиле една работа. Дека џабе го местат задникот под кирија каде ќе стигнат, кога не се прават внатрешни реформи, реорганизација, и не се пристапува кон реална кадровска селекција, туку се пика се и сешто, и шуто и рогато.
Ова со комисиското договарање со Бугарија е фарса. Конечно најдоа како политичка гарнитура начин како да се апстрахираат од проблемот. Најдоа „стручни“ лица кои ќе им ги аминуваат глупостите и предавствата. Оваа „стручна“ комисија, навистина не ми е јасна. Се договара со Бугарија, нешто што историската наука нема да го прифати во цела Источна и Средна Европа, ни во Србија, Хрватска, ни во Чешка, Словачка, Полска, ни во Романија, ама затоа Бугарија ќе биде задоволена. На Западот реално, гајле му е за нас и за тукашните историски прашања. Ја гледаат само големата слика која нив ги интересира.
Власт која верува дека со смкнати гаќи, навредени и понижени, без историја и национална гордост, и против волјата на народот, ќе не одвлечкаа кон „блескавата“ Европска Унија, се лаже и греши.
Во Европската Унија се влегува со воспоставени стандарди. Со ред, закон и поредок. Со почитување на верски и етнички, но најмногу индивидуални права. Со достапност на институциите за секого. Со можност за напредок и кариера за секого. Што ако јас ‘рмбам на работа, и ја кревам институцијата, ако напредува само партискиот послушник на власта? Затоа се нарушени и односите секаде, и има незадоволство, а „менаџерите“ само се грижат каде ќе завршат следно.
Во Европа на се влага со палење огнови за празници, со колење курбан по паркинзи и правење ајвар, со паркирање на тротоар, со возење ко лудаци низ град, и вртење на две полни линии. Во Европа не се оди со екстремна даночна евазија и тоа во скоро сите прехрамбени и угостителски објекти, дури и во центарот на Скопје. Се „летни тераси“ кои се цели затворени објекти, поголеми од самиот објект, а на јавна површина. Со бучава, со загадување, смет и секако со УВОЗ на отпад! Со смешно судство и судски пресуди на кои и деца се смеат. Во Европа не се влегува со рекетирање на бизнис заедница од страна на јуришници на секоја нова власт во име на институции, а наплаќање лично во кеш. Во Европа не се влегува со вакви патишта, ваква железница, со ваков урбанизам и архитектура. Во Европа не се влегува ни со вакви медиуми, со ваква корупција, непотизам и медиокрација.
Не ми се јасни членовите во македонскиот дел од комисијата. Иако изминативе неколку години два тројца и се повлекоа, свесни дека ќе бидат бележани за цел живот, и претпоставувам од некаква и професионална, но и од научна одговорност. Овие кои останаа, заедно со тазе „академикот“, само ќе речам дека ми е жал што оваа држава ги исшколувала и дала се‘! Еден од тие ликови и ми беше професор на факултет. За жал, ми се потврди тоа што и претходно го мислев за него. Типично малодушно македонче, со потенцирано ЧЕ. Дури и на спотови беше за Северна. Се Европеец до Европеец, кај ли ве најдоа?
Сево ова ќе помине, оваа одродена структура ќе падне и ќе ја нема, за многу брзо од денес. Што потоа? Како после тоа? Како професионално, животно? На вистина не сте ми јасни! Ама ве сфаќам. Убав сочен хонорар, секој месец, со години. Плус бенефиции, титули, звања, а може и друго нешто за кое не знаеме.
Ако ништо друго, и вие ќе бидете дел од историјата. За жал онаа темната. Исто како Коте од Рулја.
Александар Ристевски