Во приватниот авион од типот „Cessna 551“ кој се урна во неделата вечерта во Балтичкото Море, загинало семејството Гризман, кое е сопственик на компанијата „Quick Air“ која се занимава со авио-такси и воздушна медицинска помош, објави во понеделникот весникот Diaria de Sevilla.
Како што наведува весникот, со авионот управувал самиот челник на компанијата К.П. Гризман, а со него биле сопругата и двете деца, како и двете нивни кучиња.
Семејството поседувало куќа во местото Захара де лос Антунес и вообичаено летало на релацијата од Херез на југот од Шпанија, од каде што и полетале во неделата рано попладнето, до германскиот град Келн, каде што е седиштето на компанијата „ Quick Air“.
Набрзо по полетувањето од Херез бил остварен и единствениот контакт со пилотот, кој пријавил проблеми со притисокот во кабината. Како што претходно во неделата ноќта, наведуваа стручњаци, летајќи на височина од околу 11.000 метри, проблемите со притисокот во кокпитот или во кабината може да доведат до губење на свеста, со што се објаснуваат двете скршнувања на авионот во текот на летот, како и губењето на комуникацијата меѓу пилотот и контролата на летањето.
Според веб-страницата Flightradar, којашто ги следи летовите преку радарските податоци, авионот вчера по полетувањето од Херез ги прелетал Шпанија, Франција и Германија и навлегол во воздушниот простор над Балтичкото Море. Контактот бил загубен по прелетот на крајбрежјето на Полска, руската балтичка енклава Калининград и крајбрежјето на Литванија, до навлегувањето во просторот над крајбрежјето на Латвија.
Шпански и француски борбени авиони биле кренати за да ја проверат ситуацијата и за да остварат визуелен контакт со приватниот авион кој не реагирал на комуникацијата од земјата, но пилотите не можеле да препознаат никој во пилотската кабина, ниту во кабината на леталото, пренесе весникот Bild.
И во Германија полетал борбен авион од типот „Eurofighter“ од воздухопловната база Рошток со задача да го следи летот на „Cessna“-та, но и неговиот пилот не успеал да идентификува лица во приватниот авион. Подоцна бил кренат и дански ловец „F-16“ кој ја преземал придружбата на леталото и пилотите можеле да видат како авионот повторно скршнува од курсот и се урива во близина на Латвија во 19:45 часот по средноевропски време во неделата.
Како што претходно беше објавено авионот регистриран во Австрија, кој полетал попладнето во неделата од јужниот шпански град Херез без наведена крајна дестинација, во текот на летот двапати го менувал правецот и ја загубил комуникацијата, поради што бил следен од борбени авиони на НАТО.
Шведската телевизија претходно објави дека авионот „Cessna 551“ полетал од јужна Шпанија околу 15 часот по средноевропско време. Од 15,30 часот одржувал височина од околу 11.000 метри и брзина од околу 670 километри на час. Во 17,20 часот на голема надморска височина го прелетал Готланд а пота се упатил во североисточен правец преку Балтичкото Море. Во 19,30 часот авионот почнал да забавува и да ја губи височината.