По вториот неуспешен обид во саботата, лансирањето на новата ракета на НАСА и мисијата „Артемида 1“, која треба да се упати кон Месечината, сега е одложено за неколку недели, јавуваат светските новински агенции.
Контролорите на летот во саботата по втор пат не можеа да го лансираат леталото наречено „Систем за вселенско лансирање“, во што биле спречени поради истекување на гориво, соопштија од НАСА, а пренесе „Би-би-си“.
Инженерите што работат на лансирањето сега ќе треба да ја проверат ракетата, а сите поправки ќе треба да ги направат во работилница, наместо на лансирната рампа, поради што, целиот процес ќе биде одложен за неколку недели. Ова значи дека трет обид за лансирање веројатно нема да се случи пред средината на октомври.
Системот за вселенско лансирање, развиван повеќе од една деценија, е претставен како најмоќната ракета развиена од американската вселенска агенција, дизајнирана да ги испрати астронаутите назад на Месечината, по повеќе од 50 години. Ракетата требаше да лансира капсула без екипаж, наречена „Орион“ на мисијата „Артемида 1“.
Инаку, првиот обид за лансирање на ракетата се случи минатиот понеделник, кога беше одложено поради проблем со истекување на еден од моторите.