недела, 10. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Во Собранието седници на комисиите за избори и именувања и за надворешна политика

Во Собранието седници на комисиите за избори и именувања и за надворешна политика

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе продолжат седниците на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и на Комисијата за надворешна политика.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата продолжува со расправата за предложените кандидати за уставни судии при што се уште се дебатира за предлогот Тодор Витларов, вработен во штипското обвинителство, да биде уставен судија.

Претходно, членовите на Комисијата ја изгласаа кандидатката Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, да биде предложена до Собранието за судија на Уставниот суд.

Пратениците досега, дадоа поддршка и за кандидатурата на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер. Следна треба да биде разгледана кандидатурата на актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески, кој заедно со Васиќ Бозаџиева и Скендер се предложени од владејачките партии.

Од шестмината кои се предлози од ВМРО-ДПМНЕ, досега е одбиена кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска. Предлози на опозицијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска, обвинителот Тодор Витларов и Војислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.

Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена на четворица им е истечен мандатот.

На продолжението на седницата на Комисија за надворешна политика своите платформи за дипломатските активности денеска ќе ги презентираат новите вонредните и ополномоштени амбасадори на Република Северна Македонија во Канада Агрон Буџаку, во Кралството Норвешка, Дритон Куќи и Методија Белевски во Кралството Белгија.

Во рамки на истата седница, вчера собранискиот филтер го помина амбасадорката Евгенија Илиева, која заминува во дипломатска мисија во Република Словачка, а на крајот од јули, пред пратениците платформата за дипломатските активности ја претстави вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Соединетите Американски Држави, Зоран Попов. Поради доверливиот карактер на информациите, како што истакна тогаш претставник на МНР, Попов своите тези ги презентираше зад затворени врати и пред пратениците кои поседуваат безбедносен сертификат. Амбасадорката Илиева, тезите ги бранеше на отворена седница. Таа како претставник на МНР побара седницата да биде отворена откако се утврди дека нема кворум за работа бидејќи членови на Комисијата немале безбедносен сертификат, што е услов за учество на седница од затворен карактер. (МИА)

Најнови вести