недела, 17. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ВМРО-ДПМНЕ собира потписи за референдум: Народот не сака решенија со кои се негира нашата посебност и идентитет

ВМРО-ДПМНЕ собира потписи за референдум: Народот не сака решенија со кои се негира нашата посебност и идентитет

ВМРО – ДПМНЕ ја почна постапката за собирање потписи за референдум за престанување на важноста на Договорот за пријателство со Бугарија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Државната изборна комисија (ДИК) поднесе иницијатива за Референдум со очекување дека до краот на денот во подрачните канцеларии на ДИК ќе бидат собрани сто потписи за таа да биде доставена до Собранието. Редефинираното референдумско прашање гласи: Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на Република Македонија и Република Бугарија објавен во Службен весник на Република Македонија број 12/2018 од 18. 01. 2018 година?

Доколку референдумот се случи, додаде тој, граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат со „за“ и на тој начин престанува да важи овој договор со Бугарија или „против“ односно останува да важи овој договор со Република Бугарија. Ги повика политичките партии, граѓаните без разлика на нивната етничка припадност и невладините организации да го поддржат референдумот.

– Сите поединци да се обединат во едно општествено семакедонско обединување и да застанат против тоа што претставува главен проблем на нашата европска интеграција, а тоа е Договорот што го има потпишано Република Македонија со Република Бугарија и затоа кога ќе се случи овој референдум да излезат масовно и да гласаа „за“ престанок на важноста на Законот со којшто овој Договор е ратификуван во рамките на Парламентот, изјави Мицкоски.

Лидерот на опозициската партија одговарајќи на новинарско прашање за можни опструкции, рече дека се очекува имајќи го предвид, како што наведе, „карактерот на хибридниот режим којшто во моментот е парламентарно тенко мнозинство“.

Мицкоски ја коментираше изјавата на претседателот Стево Пендаровски во која вели дека со овој референдум всушност би ги прекинале преговорите со ЕУ, посочувајќи дека тој често пати прави „политичка гимнастика во сопствените изјави“ и оти од ден на ден покажува дека не е достоен да ја извршува функцијата претседател.

-Се сеќавате, тој истиот Стево Пендаровски дури и сугерираше референдумско прашање и во една своја изјава кажа дека е тоа легитимен чин ако не се лажам па потоа направи една гимнастика и се повлече од сето тоа за да денеска е најголем плукач на референдумското изјаснување. Ако сака да биде претседател на сите граѓани ќе мора да ја почитува и волјата на оние граѓани коишто се определуваат за опозицијата и коишто имаат различно мислење од власта. Јас навистина жалам што од ден на ден Стево Пендаровски потврдува дека не е достоен да ја извршува функцијата која што ја извршува, а тоа е претседател на сите граѓани и жалам што овој човек ќе има уште малку можност да биде таму каде што е, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, вчера беа собрани над 500 потписи за неполн час, иако за иницијативата за референдум се потребни само 100.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се заблагодарам за брзиот одговор и иницијативност.

-Народот не сака решенија со кои се негира нашата посебност и идентитет. На потег е Собранието, посочи тој.

Најнови вести