Љупчо Пренџов, пратеник во Собранието во своето гостување на Радио Лидер говореше за Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање каде потенцираше дека таму се случила несекојдневна состојба затоа што ниту еден пратеник од партиите кои што го сочинуваат водечкото мнозинство не се појави на самата комисија.
-Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање ја претседавам јас и истата има членови од повеќе политички партии, власта има мнозинство и согласно член 53 од Законот за работата на Агенцијата за национална безбедност лицето кое што директорот на Агенцијата го именува од страна на вработените треба да врши должност како раководител за внатрешна контрола или помошник за внатрешна контрола и согласно член 53 мора да има некое одобрение од страна на матичното работно тело, така стои во законот и вели дека матичното работно тело треба да дискутира, да даде согласност за тоа лице во рок од 15 денови од приемот на барањето од страна на барањето до мене. Јас тоа барање го примив, уредно е архивирано во собраниските деловодници и свикав комисија во пропишаниот рок со закон. На таа комисија дојде и директорот Виктор Димовски, но она кое што се случи е несекојдневна состојба во Собранието, да ниту еден пратеник од партиите кои што го сочинуваат водечкото мнозинство не се појави на самата комисија. Јас морав да ја отворам комисијата да кажам дека се присутни членови од опозицијата, дека е тука директорот Димовски, но и дека не се појавил никој од членовите од владеачкото мнозинство, рече пратеникот.
Тој во текот на своето гостување во врска со оваа комисија посочи дека вакво нешто до сега не се случило вакво нешто.
-Ова не само што не се случило на комисија да нема присутни, да не биде еден од пратениците од власта присутен, јас сум член на други 6 комисии, сум член на Националниот совет за интеграции и во овој мој две и пол годишен мандат не се случило никогаш, ниту една комисија да сите пратениците од владеачкото мнозинство не се појават на комисија која ја претседава опозицијата или тие кои што ја претседаваа, кажа пратеникот.
Пренџов во врска со сето ова побара да се каже зошто не се појавиле на комисијата кој е проблемот зошто штом партиите од владеачкото мнозинство не се појавиле јасно е дека постои проблем.
-Јас имав и прес конференција веднаш после комисијата и кажав дека лицето кое што предлага кандидат за внатрешна контрола е лице кое што е избран од страна на Владата на Република Македонија, кое одговара пред Владата на Република Македонија, ние како Собрание правиме цивилна контрола и лицето кое што е избрано од Владата предлага кандидат кој што него го гласаат пратениците кои што ја сочинуваат и ја држат оваа влада и тоа граѓаните го гледаат. Мислам дека се е јасно, јас во принцип доколку немам докази не шпекулирам за ниту една тема и повикувам да колегите, пратеничките групи на СДСМ , на ДУИ и други партии кои имаат членови на комисии, кој што се од други политички партии, а не од овие две носечки треба да кажат зошто не се појавиле и што е проблемот, доколку го има проблемот, а дека има проблем гледаме бидејќи не се појавија, вели Пренџов.