Изминатите денови во јавноста повторно се отвора темата за затворање на училиштата и воведување на онлајн настава поради енергетската криза во која се наоѓаме. И веднаш да кажам, како градоначалник на општина Гази Баба категорично сум против затворање на училиштата .
Ова е ставот на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, по однос на дебатата во јавноста за затворање на училиштата.
-Наставата со физичко присуство е единствена форма на оддржување настава која ќе содаде здрави генерации со стекнато квалитетно образование. Ова мое тврдење се потврдува и со искуството кое го стекнавме за време на пандемијата кога се реализираше онлајн настава во Македонија која не даде задоволителни резултати. Покрај ова секојдневно бевме сведоци и на технички проблеми кои оневозможуваа оддржување на настава и со денови.
Кога се зборува за затворање на училиштата и воведување на онлајн настава, државата во прв план треба да ги стави граѓаните, односно како таа мерка ќе влијае на населението. Дали сите ученици ги имаат потребните средства за да следат онлајн настава? И што со оние кои немаат? Дали во време на ваква сериозна инфлација треба да ги изложиме граѓаните на дополнителни трошоци? Понатаму, особено е тешко за учениците од пониските одделенија. Родителите на овие дечиња треба да го поминат поголемиот дел од времето помагајќи им на своите деца да се снајдат на платформите, работејќи на домашните задачи и објаснувајќи им го материјалот. Едноставно родителите ќе треба да ја заменат улогата на наставник во домашни услови. Но што со оние двајца родители кои имаат работни обврски? И тука можеме да заклучиме дека за многу ученици онлајн наставата ќе преставува само формалност, а не вистинска замена за наставата со физичко присуство.
Што треба да се направи во овој момент?
Гледаме дека Владата троши големи средства од буџетот за патување на бројни делегации во странство, купување на нови автомобили, набавка на морски плодови, ручеци по ресторани и слично, ако има пари за се ова претходно тогаш мора да се обезбедат пари и за непречено функционирање на училиштата. И затоа Владата треба итно и недоложно преку Министерството за образование и наука да обезбеди зголемување на блок дотациите кои стигнуваат до општините со цел покривање на тековните трошоци како основна мерка, но да се размислува и на определување на дополнителни кратки распусти за учениците согласно временските прилики, но секако тие на крајот да не влијаат на реализирање на годишната програма, пишува Стефковски во објава на својата официјална страна на Фејсбук.