Претседателот на Република Турција, Реџеп Тајип Ердоган изјави дека вечерва ќе разговара со својот руски колега Владимир Путин и оти дискусијата ќе биде фокусирана на Украина, јави Анадолија.
Ердоган се обрати на митинг во Анкара, а во таа прилика зборуваше за енергетската криза и Украина.
Кога станува збор за енергетската ситуација, Ердоган рече дека Турција релативно лесно влезе во турбулентниот период со проекти за гасоводи кои гарантираат безбедност во снабдувањето со енергија, склучени договори, складишта за течен природен гас и дупчење и истражувачки активности во Црното Море и Источен Медитеран.
-Вечерва ќе разговарам со господинот Путин и ќе имаме можност да разговараме за прашањето за Украина, рече Ердоган.
Тој се осврна и на борбата со каматите.
-Мојата најголема борба е со каматите, мојот најголем непријател се каматите. Повторно ја намаливме каматната стапка на 12. Ова не е доволно, мора да се намали уште повеќе, рече Ердоган и додаде: Се бориме против инфлацијата, верувам дека инфлацијата ќе се намалува со ниски камати по Нова година и јас го бранам таквиот пристап. (МИА)