Основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Острово по многу години ќе добие соодветни модерни и современи услови за настава, релаксација, спорт и рекреација на учениците.
Со оваа инвестиција на Општина Аеродром и со голема поддршка на општествено-одговорна компанија, ,,Браќа Миладиновци” ја почнува постапката за целосна обнова, со што ќе биде направена првата училница на отворено во Аеродром, реконструкција на спортското игралиште во училишниот двор, чекори кон обезбедување нова фасада, како и модерно и современо надворешно уредување за релаксација и едукација на учениците.
Новиот атриум ќе се наоѓа во задниот дел на училишната зграда, а во иднина ќе се користи како летна училница за сите ученици, со што ќе добијат нов уникатен начин на поминување на наставата во релаксирана средина. Сето ова насочување кон воведување на нова пракса и поинакви услови од постојните, цели кон исполнување на современите европски стандарди, каде што убавото време во училиштата секогаш се користи за учење и рекреација.
Инвестициите во најмладите остануваат наш приоритет и учениците од сите основни училишта во иднина ќе ги добијат сите соодветни услови за современо, модерно и квалитетно образование.