Руските власти денеска соопштија дека ќе им помогнат на жителите да го напуштат украинскиот регион Херсон, окупиран од Москва, откако тамошните власти поддржани од Кремљ побараа помош по украинската контраофанзива.
– Москва ќе помогне во евакуацијата на жителите од украинската област Херсон, изјави денеска рускиот вицепремиер Марат Косноулин.
Неговата изјава дојде откако прорускиот лидер на окупираниот регион Владимир Салдо ја повика Русија да помогне во евакуацијата. „Ние, жителите на Херсонската област, знаеме дека Русија не ги напушта своите“, напиша Салдо на Телеграм, додавајќи дека сè поголем број украински ракети паѓаат врз регионот и предизвикуваат „сериозна штета“.
По овој апел, Москва се согласи да помогне. – Владата донесе одлука да организира помош за заминување на жителите од регионот (Херсон) во други региони на земјата, изјави рускиот вицепремиер Марат Косноулин за државната телевизија.
Украинската војска во Херсон изведува контранапад и полека но сигурно ослободува помали населени места од руската окупација. Минатата недела украинските сили ослободија стратешки важно село во Херсон и ги принудија Русите да се повлечат.