сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Ќе се зборува и за Македонија: Европратениците ќе дебатираат за односите со Западен Балкан

Ќе се зборува и за Македонија: Европратениците ќе дебатираат за односите со Западен Балкан

Утре попладне, европратениците со Комисијата ќе дебатираат и ќе ги проценат односите на ЕУ со Западен Балкан во светло на напредокот кон членството во ЕУ, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Комесарот за европска соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, оваа недела пред европратениците во Комисијата за надворешни работи ги презентираше анализите и прогнозите на Комисијата за европската политика за проширување во контекст на тешка геополитичка ситуација. Евалуацијата, исто така, ќе го опфати влијанието на претпристапното финансирање, состојбата со владеењето на правото во земјите пристапнички и други фундаментални реформски прашања.

На утрешната пленарна дебата, европратениците се очекува да го поздрават официјалниот почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија минатиот јули и се очекува да ја повикаат ЕУ да го либерализира визниот режим за Косово. Тие, исто така, треба да побараат од Србија да се усогласи со рестриктивните мерки на ЕУ против Русија.

Црна Гора и Србија соодветно ги започнаа преговорите во 2012 и 2014 година, додека Босна и Херцеговина и Косово се потенцијални кандидати. (МИА)

Најнови вести