Во Собранието денеска ќе се одржи јавна дебата за средношколско учество.
Организатор на јавната дебата е Клубот за младински прашања и политики, во соработка со Сојузот на средношколци (ССРСМ) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер.
Пред почетокот на дебатата најавени се изјави на претседателката на Клубот за младински прашања и политики Моника Зајкова и на претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ.
Целта на дебатата е средношколците, претставниците на младинските здруженија, институциите и организациите кои работат на полето на образованието и младинското учество да дискутираат за можни законски решенија коишто ќе го регулираат и гарантираат средношколското учество.
– Учесниците во јавната дебата ќе ги споделат своите ставови, искуства и потреби за идно законско решение, а се очекува да дадат и свои коментари по однос на предлог-законското решение изработено од Сојузот на средношколци, најавуваат организаторите.
Клубот за младински прашања и политики е составен од пратенички и пратеници во Собранието од различни политички партии и коалиции на возраст до 35 години. Примарна цел во работата на Клубот е унапредување на младинските политики преку фокусирање на младинските прашања и поднесување на иницијативи и предлози од делокругот на работа на законодавниот дом.