понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

УНИЦЕФ и партнерите направија преглед на реформите во системот за правда на децата

УНИЦЕФ и партнерите направија преглед на  реформите во системот за правда на децата

Стручните лица што работат со деца во контакт со законот на средба со претставници од Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Делегацијата на Европската Унија, Фондот за деца на Обединетите нации, деца и млади, направија преглед на реформите и ги дефинираат областите за кои е потребно дополнително внимание.

Во последниве години беа вложени значителни напори за изградба на систем заснован на ресторативна правда што се фокусира на најдобриот интерес на детето.

Во поскоро време, со поддршка од Европската Унија и УНИЦЕФ, земјата постигна напредок во однос на усогласување на законодавството поврзано со правда за децата со меѓународните норми и во однос на развојот на капацитетите на стручните лица кои работат во системот за правда за децата. Освен тоа, во работата на стручните лица во системот на правда се воведува концепт што ја зема предвид доживеаната траума на децата и се работи на иновативни превентивни програми и решенија преку обезбедување учество на децата во целиот процес.

“Како општетство не смееме да го занемариме фактот дека овие деца, покрај сериозноста на она што го сториле како деца во судир со законот, а особено имајќи ги предвид последиците ако станува збор за деца жртви или деца сведоци, тие се деца кои  дополнително доживеале сериозен стрес и трауми кои за нив имаат далекусежни последици. Во ваквите ситуации особено е потребно да се работи на спречување на каков било облик на секундарна виктимизација и нивна ретрауматизација,” рече во своето воведно обраќање министерот за правда Никола Тупанчески.

“На било кое дете може да му се случи да дојде во контакт со правосудниот систем. Многу други деца се во контакт со системот за детска заштита. Кога ќе дојде до таков контакт, ние мора да се потрудиме да се одвива со почитување на правата и достоинството на децата. А одлуките и пресудите треба да се засновани на детските права, да бидат сочувствителни и јасни,” рече Џулијан Васало, заменик шеф на Делегацијата на Европската Унија.

“На децата  им треба фер правосуден систем прилагоден на нивните потреби за да можат да ги остварат своите права и да имаат пристап до правосудниот систем кога нивните права се повредени или им се ускратени,” рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

“Единствено преку холистички пристап и посветеност на сите сектори, вклучувајќи ги и оние што не се директно вклучени во системот на правда за децата, како што се здравство и образование, ќе можеме да направиме промена. На тој начин, ќе обезбедиме секое дете да има можност да ги достигне совите целосни потенцијали.”

На панел дискусијата министерот за правда Никола Тупанчески и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска дискутираа за постигнатиот напредок во меѓу-секторската акција за правда за децата. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се придружи кон панел дискусијата со видео порака.

“Клучна е улогата на Центрите за социјална работа и на Министерството за труд и социјална политика во детектирањето на семејства под ризик и заштита на децата. Ресоцијализацијата и реинтеграцијата се најдобрите начини да им се помогне на децата да се вратат на вистинскиот пат,“ рече министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Шеесет деца и млади учествуваа на работилници за изработка на креативни решенија за предизвиците со кои се соочуваат децата кога ќе дојдат во контакт со правосудниот систем. Тие ги претставија своите решенија на денешниот настан со фокус на: правото на образование на децата во судир со законот; воведување врсничка медијација во образовниот систем;  воспоставување ученички клубови; овозможување сите деца да добиваат информации на едно место и примена на форум театар за подигање на свесноста за меѓуврсничко насилство.

Настанот е дел од иницијативата „ Just(ice) children – ЕУ за малолетничка правда по мерка на децата“, финансирана од Делегација на Европската Унија и кофинансирана од УНИЦЕФ, која ги поддржува напорите на Владата за реформи со кои ќе се обезбеди правосудниот систем да ги штити правата на децата што доаѓаат во контакт со законот.

Најнови вести