Руските власти отвориле нова кривична постапка против Алексеј Навални, овој пат за промовирање на тероризам и екстремизам, што може двојно да му ја зголеми сегашната негова казна, изјави денеска затворениот руски опозициски лидер.
Навални, најистакнатиот критичар на Владимир Путин во Русија, веќе отслужува затворска казна од 11,5 години за измама, непочитување на судот и прекршување на условниот отпуст, обвиненија што тој ги негира како измислени за да го замолчат.
– Јас сум генијалец на подземјето. Професорот Мориарти не ми е ни до колена, напиша саркастично на Твитер, споредувајќи се со непријателот на Шерлок Холмс.
– Сите мислевте дека две години сум изолиран во затвор, но се чини дека јас активно правам кривични дела. За среќа, Истражниот комитет беше буден и ништо не пропушти, додаде на Твитер.
Навални вели дека неговите адвокати проценуваат дека неговата казна може да се зголеми на вкупно околу 30 години.
Истражниот комитет не даде официјална потврда за новиот случај.
Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, изјави дека случајот е поврзан со каналот „Јавна политика“( Popular Politics) на Јутјуб, отворен од неговите сојузници, откако веќе беше во затвор една година.
Навални долго време му беше трн во окото на Путин и зборуваше против ендемската корупција во Русија во вешто произведени видеа кои привлекоа голема публика на социјалните мрежи.
Во 2020 година, тој беше отруен со нервен агенс за време на предизборно патување во Сибир, според анализите спроведени од неколку европски медицински институции. Кремљ ја негираше својата вмешаност. По повеќемесечно лекување во Германија, тој беше уапсен поради прекршување на условното ослободување кога се врати во Русија на почетокот на 2021 година. (МИА)