Собранието денеска се очекува да отвори дебата за предлогот Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа, откако неговиот сопартијец и претходник Горан Милевски поднесе оставка на функцијата од лични причини.
Изборот на Пенов е на дневен ред на продолжението на 88. седница, на која денеска се најавува и присуство на премиерот Димитар Ковачевски.
Пенов е поранешен пратеник и градоначалник на Скопје. Еден од основачите на Либерално-демократската партија и нејзин поранешен претседател. Магистрирал на Правниот факултет во Скопје, а дипломирал на Економскиот факултет.
На дневен ред на 88. пленарна седница е изборот на уставни судии за што дебатата заврши и треба само да се гласа за, како што побара претседателката на Комисијата за прашања на изборите на именувањата Марија Георгиевска со допис до претседателот на Собранието Талат Џафери, Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева. За останатите седуммина кандидати дебатата и изјаснувањето во Комисијата не е завршено.
Со седницата ќе претседава потпретседателот Горан Мисовски, поради тоа што Џафери на конференција во Загреб треба да го прими одликувањето што со указ му беше доделено од украинскиот претседател Володимир Зеленски и да има свое обраќање.
На дневен ред на 88. седница се и законите поврзани со мерките за справување со енергетската криза, како и измените на законот за здруженија и за политичките партии и друго.