среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Пратениците втор ден расправаат за предлогот Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа

Пратениците втор ден расправаат за предлогот Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа

Во Собранието денеска продолжи дебатата на пратениците за предлогот Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа. Расправата траеше два часа, по што потпретседателот на Собранието Горан Мисовски даде пауза до 15 часот.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, денеска наместо да се разговара за мерки и помош на граѓаните се дискутира за министерски функции и фотелји.

– Како да веруваме дека денешниот предлог е квалитетен и дека како што кажа премиерот е предлог кој ќе ја зајакне Владата и ќе ја зголеми ефикасноста и успешноста во нејзиното работење. За да ја зајакне Владата, таа логички треба да е јака, а не е. За да ја зголеми ефикасноста и успешноста во нејзиното работење требаше досега да видиме ефикасност и успешност и работење, а видовме само неефикасност, неуспешност и неработење. Ефектот од неработењето го чувствуваме сите – 30 проценти пад во турзизмот, тој ефект значи и осиромашени граѓани и банкротирани фирми. До каде ви се мерките за справување со енергеската криза?, реле пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петковска.

Петковска посочи дека пратениците треба да ги презентираат досегашните достигнувања на Министерството за локална самоуправа и планот за работа на Министерството и на предлогот за министер Пенов.

– Добро ќе беше да кажете во каква состојба Пенов го наследува Министерството во кое врие од непотизам. Сакав да слушнам што планира Пенов да направи за заживување на туризмот во локалните самоуправи, што ќе преземе во насока на порамномерен регионален развој, како ќе го поттикнува развојот на стопански неразвиените подрачја итн., рече Петковска.

На ова реплицираше пратеникот Коле Чаракчиев од СДСМ, кој истакна дека предлогот за нов министер за локална самоуправа, само ќе го зајакне капацитетот на Владата во интерес на граѓаните на државата.

– Со такво Си-Ви како на Пенов можеме само да се гордееме. Тој ќе може само да го зајакне капацитетот на Владата во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија. Мислам дека апсолутно треба да дадеме поддршка и очекувам дека сите заедно ќе ја дадеме таа поддршка, нагласи Чаракчиев.

Според пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, предлогот за нов член на Владата доаѓа од нелигитимен предлагач.

– Премиерот има позадина, има една афера со која е поврзан и во моментов нема доволен легитимитет за да биде предлагач. Целосно неуспешна Влада во целина не може да бара поддршка за нов член, туку треба да си даде оставка, потенцира Лефков.

На дневен ред на пленарната седница е и изборот на уставни судии, за што дебатата заврши и треба само да се гласа за Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева.

На оваа седница на дневен ред, меѓу останатите, се и закони поврзани со мерките за справување со енергетската криза, како и измените на законите за здруженија и за политичките партии.

Најнови вести