Претседателот Стево Пендаровски смета дека не треба да се брза во процесот на уставни измени за вметнување на Бугарите во преамбулата на Уставот затоа што има 14 месеци до завршувањето на процесот на скрининг. Дотогаш, вели, може да детектираме и поправиме нешто во однос на потребните реформи, а кога тој процес ќе биде при крај, тогаш да се види дали се има потребното дотретинско мнозинство.
-По мене суштински е во тој процес да не се оди со главата нанапред без да се мисли каде евентуално може да удриме. Не би сакал ни случајно, ниту како граѓанин, ниту како претседател да видам процеси слични на усвојувањето на Преспанскиот договор, рече Пендаровски во Тема на денот на ТВ Сител.
Мојот совет до Владата и до јавноста е да одиме плански и да не брзаме во тој процес.
-Имаме 14 месеци скрининг. Не мислам дека тоа треба да биде апсолутен политички приоритет број еден. Ние имаме толку многу реформи со скрининг да ги детектираме и поправиме и кога ќе дојде време на крај тој процес тогаш ќе прашаме во Парламентот имаме ли сега двотретинско мнозинство, вели претседателот Пендаровски.
Тој смета дека се смешни тврдењата на опозицијата дека ќе се изборат за нова преговарачка рамка, или за поништување на Преспанскиот договор.
-Тоа е приказна за мали деца. Ќе го преговараме Преспанскиот или нова рамка. Од она малку што го знам нешто за меѓународни односи и преговори, а ги имаше многу од Рамковниот договор во 2001 навака, тврдам дека тоа е невозможно. Можно е само ако државата се вика САД, Франција, Германија, Кина Русија …, рече претседателот Пендаровски.
Тој истакна дека во однос на францискиот предлог има нова анкета за поддршката од македонските граѓани која бележи, според него, поприлично голем пад на оние кои се против него.
-Има понова анкета во која процентот на лица кои не го поддржуваат францускиот предлог од 70 отсто колку изнесуваше летото, сега е паднат за околу дваесет отсто, што е драстично пониско. Се уште не сме во мнозинство за таканаречениот француски предлог, но факт е дека отако луѓето видоа дека нема никаква опасност се намалува процентот на оние кои се против, рече Пендаровски.
Потврда дека, како што нагласи претседателот, француската рамка или претходно бугарските барања, не не поништуваат, не не оспоруваат како Македонци е денеска потпишаниот договор со ФРОНТЕКС на македонски јазик.
-Атаците на Бугарија неспорно две годии наназад беа насочени кон македонскиот идентитет. Клучна битка во преговорите беше да го задржиме идентитетот односно јазикот бидејќи другите работи се лична работа на секој од нас јазикот да биде официјален покрај сите други официјални во ЕУ. Ние тоа го имаме и нема никаква ѕвездичка, има македонски јазик, рече Пендаровски. (МИА)