Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски во неговото гостување во емисијата „Клан Дебата“ која се емитува на ТВ Клан Македонија зборувајќи за аферата „Тајни имоти“ која е во врска со функционери именувани од Владата кои не доставиле имотни листови, истакна дека покрај законската обврска мандатна казна, лицата кои се опфатени во оваа афера треба да бидат разрешени за да служат за пример како не треба да се функционира.
„Затоа јас денеска од премиерот побарав, едно е ова да се казнат со мандатна казна, тоа си е законската обврска, но во делот на моралната одговорност, да ги разреши тие за да бидат пример како не треба, па ако треба да разреши и раководни лица во институции кои што не почитуваат обврска и не ја известуваат ДКСК дека назначуваат лица, затоа што, пак од друга страна ДКСК има исто така законска обврска да води регистар на избрани и именувани лица каде што ќе може прецизно да следи дали некој доставил имотен лист и изјава за интереси или не доставил“, потенцираше Петрушевски.
На прашање на водителката дали скривањето на имот е направено намерно или од недисциплина на институциите, Петрушевски истакна дека доколку беа неколку случау можеби ќе се прифатеше како немарност, но во конкретниот случај се работи за системско прикривање на имот.
„Доколку се работеше за неколку случаи можеби ќе прифатевме дека е немарност, незнаење или било што, меѓутоа овдека се работи за системско прикривање на имотот кој што го поседуваат функционерите во Република Македонија. Се работи за преку 123 и тоа се податоци со кои што ние располагаме и имаме фото-документација, меѓутоа нашите очекувања и претпоставки се дека многу голем број на функционери кријат имот“, истакна Петрушевски
„Овие 123 кои што ние ги објавуваме секој ден се функционери кои што имаат имот на сопствено име или на име на некој сопствен близок евидентиран во катастар и истиот го немаат пријавено во изјавата за за имот кој што се доставува до Антикорупциска комисија. Но дополнително имаме функционери и тоа е уште еден дополнителен и посериозен проблем, кои што имаат имот стекнат на сомнителен начин и не се води директно на нивно име, туку е затскриен зад одредени можности во системот кои што дозволуваат законот да се изигра“.