петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Општина Ѓорче Петров: Членот на Советот од НСДП, пласира низа груби невистини, се работи за класично политичко манипулирање со јавноста

Општина Ѓорче Петров: Членот на Советот од НСДП, пласира низа груби невистини, се работи за класично политичко манипулирање со јавноста

Општината Ѓорче Петров преку реакција до јавноста денеска вели дека членот на Советот на Општина Ѓорче Петров од редовите на НСДП Маја Стојковска, на вчерашниот прес снимен на локацијата на поранешната депонија во Ново Село пласираше низа груби невистини. Се работи за класично политичко манипулирање со јавноста, со цел сеење паника меѓу граѓаните, а со тоа и лицемерно спречување на изградбата на паркот, кој ќе биде прв ваков парк во градот.

„Имено, членот на Советот Маја Стојковска тврди дека во рацете држи документ од Државниот инспекторат за животна средина кој покажува дека мега паркот на местото на депонијата е започнат без ниту еден документ. Потоа наведува дека при извршен вонреден инспекциски надзор констатирани се сериозни пропусти, изречена е забрана за постапување на терен и поднесена е прекршочна пријава.

Членот на Советот Маја Стојковска пласира невистини во секоја од наведените точки, и тоа:

Документот кој го држи во рака е Информација од извршен вонреден инспекциски надзор, во кој не постои констатација дека недостасува документација во Општина Ѓорче Петров, во ниеден дел нема споменато запирање на било какви дејствија на паркот, а уште помалку постоење на забрана за постапување на терен.

Општина Ѓорче Петров во целиот документ спомената е само еднаш, каде е нотирано дека Општината склучила Договор со правното лице кое го вршело одлагањето на отпадот и дека правното лице поседува дозвола за вршење на дејноста. Навистина интересно е од каде е инспирацијата на членовите на СДСМ и Коалицијата за фабрикување и пласирање на толку лаги и невистини.

Спинување на информација е дека Е ВЕЌЕ поднесена прекршочна пријава, кога во самиот текст на документот стои дека инспекторатот ЌЕ поднесе прекршочна пријава доколку утврди постоење на неправилности кај некој од субјектите на надзор.

Членот на Советот Маја Стојковска тенденциозно испушта да го сподели со јавноста фактот кој е наведен во истиот тој документ кој го држат во рака дека депонијата не е чистена само од Општината Ѓорче Петров и дека не се изнесени само тие 160м3 кабаст отпад, туку дека истата таа депонија е машински исчистена од страна на јавното претпријатие на Градот и притоа се изнесени 4.766м3 исчистен смет, ѓубре и кабаст отпад. Овој податок испуштаат да го споменат, затоа што не им е во прилог, исто како што не им е во прилог и се против изградбата на Мега паркот, па ги измислуваат сите овие лаги.

Притоа, да дополниме дека во однос на одговорното постапување од страна на Општината, при расчистувањето на земјиштето на депонијата, пристапено е со особено внимание и наместо потребните 150см копање на земјата во длабочина, ископани се 180см, односно 30 дополнителни сантиметри, за зголемување на сигурноста дека отпадот е целосно исчистен.

Втор факт кој членовите на Советот тенденциозно испуштаат да го споменат е дека, депонијата во Ново Село од 11 хектари, низ годините беше преградена на 6.6 хектари со жичена ограда. За оваа депонија, пред три години, во време на мандатот на Наумовски и Шилегов, со меѓуопштинска соработка беше договорено да ја уреди Градот Скопје, за што од Буџетот на Градот беа издвоени 10.000.000,00 денари и уште 5.000.000,00 денари од Буцетот на Општината Ѓорче Петров. Се поставува прашањето дали овие 15.000.000,00 денари на граѓаните се потрошени без никаков исход корисен за граѓаните? Нејасно е со кое лице излегуваат на прес СДСМ со Коалицијата, кога токму во нивно време се окрупни оваа депонија.

Уште еднаш апелираме да престанат СДСМ и Коалицијата да се трудат на секаков начин да ја спречат изградбата на мегапаркот, нагласуваме дека несериозно и лицемерно е да се пласираат лаги и невистини за оваа тема и на таков начин членовите на советот од редот на СДСМ и Коалицијата да шират неоснована паника кај локалното население, а со тоа и да го попречуваат градењето на паркот од моментот од кога се обезбедени средствата за изградба на истиот.

Прашањето е зошто СДСМ и Коалицијата се толку против изградбата на паркот во Ново Село, до степен да излегуваат на пресови со низа лаги и невистини и упорно едното исто да го повторуваат, иако официјалната документација говори за сосема друга фактичка состојба. Завршија времињата на празни муабети, кога фактите го говорат спротивното.

Стојковска наместо да мафта со документи да одговори зошто го крши 24 став (1) од Законот за адвокатурата, каде е предвидено дека:

„(1) Ha адвокат избран или именуван на јавна функција, вршењето на адвокатската дејност му мирува до престанувањето на функцијата.“

Освен тоа не го почитува и соопштението на Државната комисија за спречување на корупцијата од 02.11.2021 година, токму кога и самата стана член на Советот на Општината, каде изрично е наведено дека „– адвокатската дејност се става во мирување доколку адвокатот е избран за градоначалник или член на совет, согласно Законот за адвокатурата;

Бараме Маја Стојковска да одговори зошто го крши законот и не го почитува соопштението од ДКСК и една година прима паушал во висина од 17.231,00 денари?

Согласно начелото за законитост утврдено во член 3 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/19), предвидена е обврската секој во вршењето на функцијата, јавните овластувања и службената должност е должен да постапува во согласност со Уставот и со законите.

Како активен адвокат Маја Стојковска знае или мора да знае дека непочитувањето на сите горенаведени обврски и забрани од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси претставуваат прекршок и за истите се изрекува одредена прекршочна санкција, односно јавна опомена. Ја информираме јавноста дека Пријава за постоење на судир на интереси кај член на Совет на Општина Ѓорче Петров Маја Стојковска е доставена до Државната комисија за спречување на корупцијата од страна на Општина Ѓорче Петров.

За крај, истакнуваме дека колку и да сте исплашени од реализација на толку крупен проект, не ви одговара и сте против изградбата на Мега паркот, истиот ќе се изгради, затоа што ѓорчепетровци заслужуваат да имаат мега парк. „Ѓорче без отпад“ е еден од моите приоритети, а со расчистување на оваа депонија и кревање на нова паркова површина на 31.000м2, само покажуваме како се сакаат своите сограѓани“, стои во нивната реакција до јавноста.