Рускиот претседател, Владимир Путин, денеска изјави дека Москва го задржува правото да се повлече од Договорот за испорака на жито, но оти доколку го стори тоа, тоа нема да влијае врз испораките жито од Украина во Турција.
Путин рече дека во замена за повторно приклучување кон Договорот, Русија добила гаранции дека Украина нема да извршува напади од деловите на Црното Море опфатени со Договорот.
Прес-службата на Кремљ претходно денеска соопшти дека Путин во телефонски разговор со претседателот на Индонезија, Јоко Видодо, ја потврдил подготвеноста на Русија бесплатно да обезбеди значителни количества жито за најсиромашните земји.
Руското Министерство за одбрана претходно денеска соопшти дека Русија ќе продолжи со учеството во Црноморскиот договор за жито, откако ќе ги добие потребните гаранции од Украина.
Русија во саботата соопшти дека го суспендира своето учество во Договорот за жито по нападот во Севастопол врз воените бродови на Црноморската флота и трговските бродови ангажирани за обезбедување на коридорот за жито.
Договорот што го постигнаа Украина и Русија на 22 јули со посредство на Обединетите нации и Турција, резултираше со извоз на неколку милиони тони прехранбени производи од украинските пристаништа на Црното Море.