САД ја предупредија Германија дека кинеската бродска компанија Коско не треба да преземе контролен удел во пристанишниот терминал во Хамбург и предлогот е прифатен, изјави неименуван претставник на Стејт департментот.
Кинескиот бродски гигант Коско минатата година поднесе понуда за преземање на 35 отсто од акциите во еден од трите пристанишни терминали на логистичката компанија HHLA во најголемото германско пристаниште.
Германија минатата недела одобри продажба на 24,9 отсто од акциите на кинеската компанија по приговорите на Зелените и либералите, помали коалициски партнери во владата на СПД на канцеларот Олаф Шолц.
За удел помал од 25 проценти не е потребна дозвола од владата, која Коско тешко би ја добил, со оглед на противењето на министерствата на чие чело се Зелените и Либералите.
Германскиот деловен весник Ханделсблат пред две недели пишуваше дека Европската комисија уште минатата пролет ја предупредила германската влада за можните штетни последици од инвестицијата на кинеската бродска компанија во пристаништето во Хамбург.
Според весникот, ЕУ го предупредила Берлин дека зеленото светло може да и овозможи на Кина пристап до чувствителни деловни информации.
И американската Амбасада во Германија исто така ја критикуваше продажбата на акции на кинеска компанија, според неименуван претставник на Стејт департментот.
– Амбасадата беше многу јасна дека ние силно сугериравме дека Кина не би требало да има контролен удел и, како што видовте, тие ја приспособија трансакцијата, рече американскиот функционер под услов да остане анонимен.
Да се осигураме дека градот Хамбург и самото пристаниште сè уште имаат мнозински удел „(е) важно за стандардите што се обидуваме да ги воспоставиме во сите земји на Г7 и во светот“, рече друг функционер.
Веста за американската интервенција во договорот беше објавена неколку дена пред првата посета на канцеларот Шолц на Кина. Посетата ќе биде под лупа бидејќи треба да покаже колку Германија е сериозна во врска со намалувањето на зависноста од Кина и противењето на комунистичкото раководство на земјата, коментираат светските медиуми.
Друг висок функционер на Стејт департментот рече дека Вашингтон работи со европските партнери за да се осигура дека сите кинески инвестиции во стратешки области кои предизвикуваат загриженост за безбедноста се внимателно разгледани и се преземаат соодветни чекори.
– Германија има воспоставено механизми за проверка и знам дека тие ја користат таа процедура за да ја анализираат секоја сомнителна инвестиција од Кина и други земји. Знам дека направија некои промени … во конкретната инвестиција“ (во Хамбург), додаде тој.
Кина денеска реагираше на тврдењето на неименуваниот американски функционер.
САД „немаат право“ да се мешаат во соработката на Кина со Германија, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Мешањето на САД е карактеристично за нивната практика на принудна дипломатија, изјави за време на дневниот брифинг портпаролот на Министерството за надворешни работи Жао Лиџијан.
– Прагматичната соработка меѓу Кина и Германија е работа на овие две суверени земји. САД не треба да ја напаѓаат без причина и немаат право да се мешаат, рече Жао еден ден пред пристигнувањето на германскиот канцелар во Пекинг. (МИА)