Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, уште еднаш искажа поддршка за македонските репрезентативки кои утре ќе го одиграат првиот натпревар на Европското првенство.
Заеднички домаќини на ЕХФ Еуро 2022 се Скопје, Подгорица (Црна Гора), Целје и Љубљана (Словенија).
– Прв пат сме во позиција после 14 години да го донесеме Европското првенство во салата „Борис Трајковски“, во Скопје, во нашата преубава Македонија. Тоа е голема чест и затоа треба да се покажеме во вистинско светло. Благодарност до целиот тим од РФМ кој макотрпно работи на организацијата. Очекуваме македонската јавност да покаже колку го сака ракометот, а нашите девојки да ја добијат поддршката која многу ќе им значи. За кого – За Македонија! – истакна Мукаетов.
Преку видеообраќање од таборот на репрезентацијата се заблагодарија на Ракометната федерација на Македонија за можноста да играат на едно Европско првенство и тоа на домашен терен.
– Да почувствуваме што значи да се биде помеѓу најдобрите репрезентации во Европа, да имаме надеж дека репрезентацијата ќе се врати на патот на кој беше пред десетина години. Со големо нетрпение го чекаме почетокот на првенството и се надеваме дека ќе ги исполниме очекувањата на нашите навивачи, истакна селекторот, Љубомир Савевски
Во пресрет на утрешниот дуел со Франција (почеток 18 часот), капитенот Сара Ристовска упати апел до македонската јавност да даде поддршка на ракометарките во обидот да остварат што подобри резултати.
– Еуфорија помеѓу нас веќе се чувствува. Има позитивна енергија во репрезентацијата. Дојдете и навивајте за Македонија, порача Рисовска.
Спортскиот центар „Борис Трајковски“ може да се каже дека е целосно подготвен и „блеска“
Во македонската престолнина ќе се играат натпреварите од Ц-групата во која покрај македонската репрезентација се и селекциите на Франција, Романија и Холандија.
Женскиот континентален ракометен собир почнува денес и ќе трае до 20 ноември.