петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ОН ги повикуваат талибанците да ги ослободат приведените активисти за правата на жените

ОН ги повикуваат талибанците да ги ослободат приведените активисти за правата на жените

Високиот комесар за човекови права при Обединетите нации денеска ја повика талибанската влада во Авганистан да ослободи пет лица за кои ОН соопштија дека биле приведени за време на прес-конференција закажана од група за правата на жените.

Полицијата вчера ја прекина прес-конференцијата во Кабул за да го објави почетокот на движењето наречено Движење на авганистанските жени за еднаквост, соопшти канцеларијата за човекови права на ОН.

За време на прес-конференцијата беа уапсени активистката Зарифа Јакоби и четворица нејзини колеги. И други жени во салата беа приведени, но подоцна ослободени откако полицијата им ги одзеде телефоните и темелно ги претресуваше.

– Загрижени сме за петмината уапсени и побаравме информации за нивното притворање од оние кои се де факто власт во Авганистан, изјави портпаролот на Високиот комесаријат на ОН за човекови права, Волкер Турк.

Портпаролот на талибанците изјави дека во моментов не може да коментира за случајот, но додаде дека ќе ја провери ситуацијата.

Групите за заштита на човековите права велат дека слободата на жените во Авганистан е ограничена откако талибанците ја презедоа власта во август минатата година, откако меѓународните сили кои ја поддржуваа прозападната влада се повлекоа од Кабул. Ограничувањата се однесуваат на нивната облека, нивното движење и нивниот пристап до образование, иако талибанците ветија дека нема да ги нарушуваат слободите на жените.