понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Републиканците победуваат на драматичните избори

Републиканците победуваат на драматичните избори

Изборните резултати кои во моментов уште не се сто отстотни направија драма во САД. Републиканците победуваат. Тие водат со 198 спроти 173 места во долниот дом на Конгресот, што значи дека се враќаат на голема врата. Во Сенатот е густо и речиси изедначено. Демократите имаат 48 места, а републиканците во моментов имаат 47.

Ако Републиканците се вратат ќе ја сменат поддршката за Украина и еден куп закони. Нивниот лидер Кевин Мекарти рече дека Републиканската партија, „ќе ја врати Америка на вистинскиот пат“.

– Да ви кажам, доцна сте излезени, но кога ќе се разбудите утре, ние ќе бидеме мнозинство, а Ненси Пелоси ќе биде малцинство.

Гласањето за спикер е внатрешен процес и гласаат само членовите на Домот. Актуелна спикерка на Домот е демократката Ненси Пелоси.

Враќањето на Републиканците значи и враќање на Доналд Трамп. Тој ќе се кандидира за претседател на изборите во 2024 година, а кандидатура најави и сегашниот претседател Џо Бајден. Иронично, но, на денешен ден, во 2016 година, Трамп победи на претседателските избори.

Трамп ќе има и конкурент во својата партија на следните избори. Републиканецот Рон Де Сантис, му е потенцијален противник за републиканската номинација за претседателските избори во 2024 година. Де Сантис вчера беше реизбран за гувернер на Флорида, објавија американските медиуми.

Де Сантис, како ѕвезда во подем на тврдата американска десница, лесно ја освои Флорида победувајќи го поранешниот гувернер Чарли Крист, поранешен републиканец кој ја смени партијата, објавија Еј-би-си и Си-ен-ен.

Де Сантис, инаку поранешен војник со привлечен имиџ на семеен човек, на избирачите им нуди целосен контраст од бурниот стил на Доналд Трамп.

Трката е неизвесна. Она што за аналитичарите е извесно дека Републиканците ќе победат во Долниот дом на Конгресот, но не и во Сенатот. Досега во Сенатот имаше 50 демократски и 50 републикански претставници, но благодарејќи на гласот на потпретседателката Камала Харис демократите ја имаа контролата.

Сегашните проекции покажуваат дека кандидатот на Демократите Џон Фетерман ќе го освои местото во Сенатот во Пенсилванија, победувајќи го својот републикански конкурент д-р Мехмет Оз, што аналитичарите го оценуваат како исклучително значајно во трката за мнозинство. Досега Републиканците го имаа ова место, во лицето на Патрик Туни, но тој не се кандидираше за реизбор. Според Си-Ен-Ен засега демократите имаат 47, а републиканците 46 места.

Клучната битка се води во Џорџија помеѓу демократот Рафаел Ворнок и поранешната ѕвезда на американскиот фудбал, републиканецот Хершел Вокер.

Покрај конгресните, вчера во САД се одржаа и избори за гувернери во 36 американски држави, а ситуацијата во голема мера е непроменета од претходните избори.

Иако трката за гувернер привлекува помалку внимание отколку за Конгресот, од друга страна, изборот на гувернер е важен поради прашањата за правата на абортус, правата на трансродовите лица, поседувањето и носењето оружје, но и идните избори, пренесоа британските медиуми.

Некои од најпознатите имиња меѓу гувернерите ги задржаа своите претходни функции.