Германија најави дека со 550 милиони евра во странство ќе субвенционира проекти поврзани со користење на водород како извор на енергија.
– Водородот е голема надеж и клучна технологија кога станува збор за замена на фосилните горива во индустријата со обновливи облици на енергија, изјави денеска германската министерка за развојна помош Свења Шулце на Конференцијата на ОН за заштита на климата (КОП27), која се одржува во египетското одморалиште Шарм ел- Шеик.
Штефан Венцел од германското Министерство за економија прецизираше дека планираните 500 милиони евра субвенции треба да привлечат приватни инвеститори. – Се надеваме дека субвенциите би можеле да привлечат до пет милијарди евра инвестиции во овој обновлив извор на енергија, рече Венцел во обраќањето пред учесниците на конференцијата за климата.
Шулце посочи дека многу земји во развој имаат елементи како што се ветерот или сончевата енергија кои се потребни за енергетско интензивно производство на водород и затоа треба да бидат поддржани.
– Многу земји во развој имаат идеални услови за производство на водород, но во исто време постои опасност да бидат исклучени од процесот на формирање на енергетската иднина, заклучи германската министерка задолжена за помош на земјите во развој.
Фондот за субвенционирање за стимулирање на производството на водород е поделен на 250 милиони кои треба да се искористат за поттикнување на производството и 300 милиони за стимулирање на потрошувачката на водород и изградба на потребната инфраструктура. (МИА)