„Македонија на полето на странски инвестиции е на дното. Не пробуди интерес оваа тема и жалам што е така затоа што Социјалдемократскиот сојуз нема интерес во јавноста да се зборува за реална политика, нема интерес да зборуваме за она што навистина се случува на секое поле. Но има интерес да ја дефокусира јавноста со многу теми кои што навистина не се дел од секојдневието на македонските граѓани, кои не носат ништо добро, напротив носат само нешто лошо. И јас жалам, меѓутоа како портпарол, но и член на Извршниот комитет на политичка партија која што размислува за сегашноста и иднината, чувствувам обврска дека треба да зборуваме за реални теми, а една од тие теми се странските директни инвестиции“, истакна Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ гостувајќи во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.
Митева додаде дека таа била вчудоневидена од едно интервју на Деспотовски каде што ја покажува розевата приказна по однос на странските диреткни инвестиции и колку Македонија има нови инвестиции, колку има зголемување на работни места итн. И така таа инспирирана од таа розева приказна на Деспотовски направи една анализа и ја претстави во јавноста реалната слика за странските директни инвестиции.
„Реалната слика е дека во Македонија немаме стратегија за привлекување на странски директни инвестиции. Странските директни инвестиции кои што се претставени како нови инвестиции се практично само реинвестирани инвестиции на компаниите кои што дошле во минатото. И станува збор за добивање на државна помош што искрено многу ме фрапираше, која што е дури 30%, а во минатото кога започна идејата за странски директни инвестиции во Македонија таа помош изнесуваше 15%“, појасни портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа посочи дека генерално состојбата е лоша со странските директни инвестиции во Македонија.
„Јас успеав да направам една анализа и да видиме како странските директни инвестиции имаат прилив по глава на жител од 2019-та до 2022 година. И ја направив компарацијата со Косово, Албанија и Србија, со најблиските држави од регионот. И е навистина фрапантно, во 2019-та во Македонија имаме 193 евра по глава на жител, Србија има 546, а Албанија 375. Во 2020-тата година имаме 116 евра во Македонија, во Косово имаме 193, во Србија 433 и во Албанија 329, што е исто така многу важно колку е приливот на странските директни инвестиции во Буџетот, во Македонија бил 239 милиони евра, во Косово 341 милион евра, три милијарди евра во 2020-тата е во Србија, а 933 милиони евра е во Албанија. Во 2021 година бројките се различни да не навлегувам веќе во детали, и навистина остануваме на дното“, рече таа.
„Зборуваме за мерливи работи, зборуваме работи кои што можат да се видат преку факти и бројки, ние се соочуваме со паушални изјави дека во мандатот на Јован Деспотовски за овие две години е воведена едноставна ексел табела во која што се прави анализа на тоа колку имаме ние придобивка од сите овие странски директни инвестиции. Не е тоа закон, не е тоа законски акт, не е некоја нова бренд инвестиција која што доаѓа во Македонија. Најверојатно би требало да се пофали со Фејсбук и Гугл кои што ги вети еден претходeн премиер, кои што се уште ги нема. Меѓутоа неговото интервју се засноваше на воведување на едноставна ексел табела за анализа на странските директни инвестиции“, нагласи Митева.
Таа додаде дека жали што истата позиција која што ја имаше Јован Деспотовски и во ФИТР заврши со низа скандали по однос на доделувањето на фондовите во тоа време, истото се случува сега и како директор на ТИРЗ.
„Како директор на ТИРЗ Јован Деспотовски има обврска значи не е тоа негово лично убедување дали треба или не треба, туку има законска обврска по која што мора да донесе стратегија за странски директни иневстиции и мора да донесе тригодишна инвестициона програма. За 2022 – 2024 ние немаме тригодишна инвестициона програма, нели е тоа доволен показател дека Владата треба да го разреши“, запраша портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.
Митева рече дека тоа е наведено во член 13 од Законот за ТИРЗ.
„Истиот тој Јован Деспотовски треба таа програма да ја поднесе до Владата. Владата на седница истата да ја усвои. Води некој сметка околу тоа како одат постапките? Е, сега да се навратам на тоа што Јован Деспотовски го говори и зошто велам дека се паушални само изјавите од причина што лесно е вие да кажете дека има 2.000 нови вработувања, лесно е да кажете дека платите се зголемени без притоа да и објасните на јавноста зошто тоа се случува. И истото да кажете дека станува збор за нови компании, дека се компании кои што дошле во последните пет години, а притоа на прашањето кои се тие компании, кои се најреноминирани компании кои што дошле, да немате апсолутен никаков одговор и да кажете дека зголемувањето на работни места се должи на отворање на нови инвестиции. Не, зголемувањето на работните места се должи на инвестиции од компании кои што се случиле пред неколку години, кои што го реинвестирале својот капитал и кои што отвориле можност за големи вработувања“, укажа Митева.
Митева рече дека одговорот на Јован Деспотовски за немање стратегија беше дека на граѓаните им е преку глава од неколку листа хартија кои што не носат резултати туку напротив неговата политика е мерливи резултати.
„Имаа неколки раскинати договори со странски директни инвестиции кои што практично оваа Влада ги склучи, ги најави меѓутоа никогаш не се реализираа или се раскинаа, а за тоа треба да ни даде одговор власта. Прво еве да започнеме со нај да речам тазе примерот, а тоа е со e.GO во Тетово каде што беше ставен камен темелник и беше промовирана како компанија која што ќе произведува електирични автомобили. На денот на рамковниот договор беше беше поставен камен темелник во Тетово, поминати се околу три ипол месеци. А, до ден денес немаме ништо. Јован Деспотовски тврди дека првиот електричен или да бидам попрецизна мисли дека првиот електричен автомобил кој што ќе биде произведен ќе биде кон крајот на 2024-та година. И незвоможно е тоа да се случи до крајот на 2024 година. Ова е уште една невистина од многуте“, појасни Митева.
Митева нагласи дека Јован Деспотовски е пример за лицата вклучени во аферата „Паразити“.