Повеќе од еден час доцни почетокот на најавеното продолжение на 73. собраниска седница. По неа треба да продолжат 79. и 91. седница, на која на дневен ред е и Предлогот на закон за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, по скратена постапка.
Доцнењето е поради незавршувањето на работата на неколку комисии што се во тек во Собранието: Комисијата за транспорт и врски, Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на АНБ, како и Законодавно-правната комисија.
На продолжението на 73-та седница на дневен ред меѓудругото се Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, Предлогот на закон за ратификација на Конвенцијата за договорите за избор на надлежен суд, Предлогот на закон за изменување на Законот за платите на судиите, по скратена постапка, Предлогот на закон за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Македонија, по скратена постапка.
На истата седница се очекува да бидат разгледани Предлогот на закон за изменување на Законот за сигурност во железничкиот систем, по скратена постапка, како и Предлогот на закон за задолжување на Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на Регионалниот проект за цврст отпад, по скратена постапка.
На продолжението на 79. седница се Предлогот на закон за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за основање Културно -информативни центри во Белград и во Скопје.
На седницата ќе бидат разгледан и Предлогот на закон за ратификација на Договорот за партнерство помеѓу Северна Македонија, претставена од Министерството за локална самоуправа како партнер и Косово, претставена од Министерството за администрација на локална самоуправа како партнер–лидер за управување со грант Договорот за техничка помош 2019/410-322, под програмата ИПА Северна Македонија–Косово 2014/2020.