среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Стојаноски: Македонија во моментов е економски срушена и испокрадена, а Владата не престанува да троши народни пари на работи кои се се’, освен неопходни

Стојаноски: Македонија во моментов е економски срушена и испокрадена, а Владата не престанува да троши народни пари на работи кои се се’, освен неопходни

Почитувани присутни, почитувани медиуми, министер.Македонија во моментов е економски срушена, испокрадена и земја која со брз чекор оди кон огромна сиромаштија меѓу граѓаните, уништување на стопанството и банкрот на државата. Граѓаните ни се гладни, граѓаните ни се сиромашни, граѓаните бараат подобар животен стандард. Република Македонија руши рекорди и во регионот и во светот по сиромаштија, по низок животен стандард, по најниски плати, по пензии сме рекордери во сиромаштија’’ – вака говореше еден ваш пратеник кога бевте во опозиција во 2016-та година, но целосно ве опишал Вас и државата во овој момент. Имаме историски највисока инфлација од 20%, историски највисок јавен долг, експлозија на цени на основни прехранбени производи, троцифрена цена на горивата, струја која поскапува секои 6 месеци, а не очекува ново поскапување од минимум 10% како честитка за Нова Година, најмали плати во регионот, најмал економски раст, а сепак најбогата владина коалиција, истакна денеска за медиумите пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

– Сиромаштија, бесперспективност, очај. Ние сме држава во која голем дел од домаќинствата можат да си дозволат само еден оброк дневно, а Владата не престанува да троши народни пари за работи кои се се’, освен неопходни. Држава која е второ место на Индексот на мизерија во Европа. И сега, во оваа расправа ќе се служам со факти и бројки искомуницирани од Вас, од Ваши изјави, документи и официјални бројки.
Пред нас е Предлог буџетот за 2023-та година. Историски највисок, нереален, инфлаторен, надуен балон кој е прашање кога ќе експлодира. Најголемиот буџет досега, дури 5,3 милијарди евра. Да одиме дел по дел, ова е буџет со висок буџетски дефицит од 4,6% или 700 милиони евра, кој ќе донесе огромен јавен долг од 64,4% од БДП. Во прашање се доведува фискалната одржливост односно дали државата ќе може да ги плаќа обврските. Што велат клучните бројки на буџетот за 2023 година? Од даноци државата планира да собере повеќе од половина од парите или 3,4 милијарди евра, 352 милиони евра или 19,2% повеќе од 2022 година од кој најмногу од данокот на додадена вредност, појасни Стојаноски.

Тој посочи дека од ДДВ планирани се да се наплатат над 1,28 милијарда евра, 26% повеќе од планираниот буџет за 2022 година, со што приходите од овој данок ќе ја надминат психолошката граница од 1 милијарда евра.

– Инаку, во проста бројка 163 милиони евра повеќе од планот за 2022 година. ДДВ, како што е познато, е данок на потрошувачката, па ова само ги потврдува тврдењата дека инфлацијата нема да запре и ќе се зголемува. Владата планира да направи класичен арач и репресија врз даночните обврзници и имплеметирајќи ја новата даночна реформа, која сега ја крие и никој официјално не ја видел на еден месец пред нејзиното имплементирање. На тој начин власта планира да собере 28 милијарди денари повеќе по основ на даноци. Приходите од данокот на личен доход планираат да ги зголемат за 26% или 65 милиони евра повеќе, за данок на добивка за 19,4% или 21 милион евра повеќе, а размислуваат и за дополнително оданочување на производи како и за повторно враќање на зелениот данок ! Влада планира да го зголеми приходот од казни за 6,8% или да собере по овој основ 152 милиони денари повеќе од минатата година. Инспекции, притисок и казни. Приходите годинава во однос на минатата година треба да бидат поголеми за 590 милиони евра. Тоа се толку пари годинава што стопанството и граѓаните ќе дадат повеќе на државата и тоа само поради ценовните шокови. Граѓаните не живеат подобро и не купуваат повеќе производи, туку за жал ги купуваат истите или помалку производи но со далеку повисоки цена. Власта ако сака може да се откаже од дел од приходите, за да му помогне на народот. Стигмата Сиромашен народ – богата Влада не’ донесе на ова катастрофално економско ниво. Да работеа домаќински наместо да мислеа на тендери во 4 очи и да ги затегнеа расходите, а поради инфлаторните приходи кои растат, можевме да имаме и благ плус во буџетот, но криминалците од власта не престануваат да мислат на сопствено богатење. Велат се откажале од непродуктивните трошоци. Ајде да видиме:
Кај ставката Плати и надоместоци, планирани се 2,2 милијарди денари милиони денари повеќе во однос на буџетот за 2022 година. И тука не се за зголемување на платите средствата, туку за нови партиски војници кои ќе бидат на буџетска сметка додека народот гладува.
Расходите за стоки и услуги се планирани во износ од околу 60,9 милијарди денари, што е за 8,2 милијарди денари повисоко во однос на буџетот за 2022 година. Расходите за Патни и дневни расходи се зголемени за 131 милиони денари (2,1 милион евра) или 18,9% повисоко во однос на буџетот за оваа година. Кај ставката 421 Комунални услуги, греење, комуникација и транспорт, планирани се 5,6 милијарди денари (91,8 милиони евра) или 67,8% повеќе во однос 2022 година. Ставката 425 Договорни услуги планирани се 45 милијарди денари или 14,4% повисоко во однос на 2022 година. Ставката 465 Исплата по извршни исправи зголемена е за 250 милиони денари или 166% повисоко во однос на буџетот за 2022 година. Ставките за Разни трансфери се историски највиски, 970 милиони евра, оваа секојпат сомнителна, недокажана, затскриена ставка, појасни пратеникот.

Стојаноски запраша каде е тука кратењето на непродуктивните трошоци ?

– Забелешки на вака концепираниот Буџет имаат синдикатите, коморите, организацијата на работодавачи, експертите, академската јавност. Власта се правда и бара алиби во други, но вистината е дека во Македонија како во ниедна друга земја во регионот се случува економска катастрофа. Кога станува збор за тоа како ќе ги троши парите, Владата одобрила за себе расходи од 5,3 милијарди евра, што е за 590 милиони евра повеќе од предвидениот буџет за оваа година, и го прави Буџетот за 2023 година убедливо најрепресирвен, најгломазен и најрасипнички во историјата на Македонија. За тековни расходи ќе отидат дури 4,4 милијарди евра. Овој буџет е за 75% поголем од тој во 2016-та или 50% поголем од тој во 2019-та. Дали живееме подобро од тогаш? Огромна сума или близу половина од целиот буџет оди за социјалните трансфери. Оваа расходна ставка со буџетот за 2023 година ја надминува психолошката граница од 2 милијарди евра и ќе тежи 2,3 милијарди евра, што е зголемување за 192 милиони евра во однос на ребалансираниот буџет, факт што ги руши розевите лаги на власта и што директно укажува на тоа дека сиромаштијата непрекинато расте. За пензии ќе се потрошат 1,4 милијарди евра или 204 милиони евра повеќе од планот со буџетот за 2022 година. Овој факт укажува на големона стареење на нацијата. Државата во 2023-та година планира дупка во пензискиот фонд од 34 милијарди денари (550 милиони евра) што укажува на фактот дека имаме масовно иселување на работоспособното население.
На расходната страна порастот на платите е арбитрарен и ги засега само одредени институции. Се поставува прашањето по кои критериуми Министерството за финансии утврди кои институции за колкав процент ќе имаат зголемување на платите. Тоа навистина не е фер кон голем број на институции и нивните вработени. Она што е загрижувачки е лагата, владината амбиција за капитални инвестиции. Таа во 2023 планира во инфраструктура да вложи дури 800 милиони евра, зголемување од 52,3 отсто во однос на ребалансот за годинава. Познато е колку слабо оваа власт низ годините наназад реализира капиталните инвестиции, а ништо подобра не е состојбата ниту оваа година. До овој понеделник, 21.11, капиталните расходи се реализирани едвај 52% т.е. 275 милиони евра и тоа во однос на ребалансот со кој скратија 100 милиони евра. Тотално уништени институционални капацитети. И сега истите овие од Влада не убедуваат дека ќе реализираат 800 милиони евра идната година.
Невозможно. Сега би се осврнал и на дупката во Буџетот и како таа ќе ја пополни власта. Со овој буџет во наредната година ќе се задолжиме 1,5 милијарди евра. Рекордно високо задолжување, само за покривање однапред познати трошоци, без дополнителните кои би се јавиле ! Покривањето на овој износ се планира од домашни извори во висина од 547 милиони евра, а од странство 1,08 милијарди евра. Јавниот долг на крајот од 2023 година треба да биде 64,4 % од БДП или над 8 милијарди евра! Ништо нема од тие фискални стратегии и планови со кои наводно ќе се консолидира македонската економија ! Од кога е дојдена оваа власт, до денес, јавниот долг е зголемен за 3 милијарди евра или во просек по 600 милиони евра годишно. Идната година дури и овој негативен просек ќе се надмине. Народната поговорка „кој живее од кредити, умира на рати“ власта ја применува на ниво на држава. Да повторам, заради оваа криминална и неспособна власт на СДСМ и ДУИ долгот достигнува рекорди и заклучно со септември изнесува 7,7 милијарди евра. Овие и најавените над 1,5 милијарди евра нови долгови ќе значат дека оваа власт за 6 години успеала да ја задолжи Македонија за ист износ колку сите влади претходно. Наредната година ќе ја завршиме со вкупен проценет долг од 8,5 милијарди евра, односно владата ќе креира долг од 1 милијарда и 500 милиони евра, рече тој.

Стојаноски потсети дека секој трет Македонец е под ризик на сиромаштија, покажуваат последните податоци на Еуростат.

– Стандардот на македонските граѓани паѓа, а сиромаштијата расте, секој трет граѓанин не бил во можност соодветно да го затопли својот дом или да обезбеди соодветна храна или да може да си дозволи едно неделен одмор во текот на година. Веќе не зборуваме за квалитет на храна, туку за една категорија која што е под достоинствените услови за живот на граѓаните. Леб на маса, не е доволен и соодветен индикатор дека некој има да јаде. Замина во историјата министерката за труд која ги советуваше граѓаните како да приготвуваат месо. За само една година, од октомври минатата година во споредба со октомври оваа година, инфлацијата во Македонија пораснала за 20%. Загрижувачки е што цените на основните прехранбени производи се покачени за над 30 отсто. Најголемо поскапување има на лебот, за 47,7 отсто, и на млекото, сирењето и јајцата, за 40,7 отсто. Маслото за јадење е поскапо за 40,3 отсто, месото за 28,6 проценти, зеленчукот поскапе за 22,4 отсто, а овошјето за само една година е поскапо за 15,5 отсто. На ова треба да се додадат и цените на електричната енергија, топлинската енергија и транспортот, кои исто така се драстично повисоки од октомври минатата година. Најголемо зголемување на цената има на топлинската енергија – 30 отсто, а електричната е поскапена за 20,2 отсто. Инфлацијата и покачените цени влијаат врз куповната и платежната моќ на граѓаните. Сега синдикалната потрошувачка кошничка изнесува 51.514 денари, 1.290 денари поскапа од колку пред 30 дена. Од почетокот на годинава, минималната синдикална кошничка пораснала за 15.703 денари или ако се спореди со октомври 2021 година, – за 16.940 денари. Прашање е колку се меродавни овие елементи за формирање на вредноста на кошничката, зашто овде ја нема потребата од годишен одмор, одржување автомобил, креативна потреба и друго. Граѓаните во Македонија ја „плаќаат“ највисоката цена од економската криза во споредба со сите други земји од нашето поблиско опкружување. Според најновиот извештај на Светската банка, Македонија има највисока стапка на инфлација во изминатите 25 години, а проекциите се дека инфлацијата ќе продолжи и во периодот што претстои, додека државава се соочува и со ризик од стагфлација, односно раст на цените при намалена економска активност. Во септември, инфлацијата во Македонија изнесувала 18,7 отсто, во Србија 14 отсто, во Хрватска 12,8 отсто, во Босна и Херцеговина 17,3 отсто, во Црна Гора 16 отсто и во Словенија 10 отсто. Во октомври, инфлацијата во нашата земја го достигна историскиот максимум, со опасност таа да влезе во инфлаторна спирала, од која тешко се излегува.
Реалната стапка на инфлацијата е далеку повисока од номиналната ако се земе предвид дека тоа за кое што граѓаните најмногу ги трошат семејните буџети е поскапено многу повеќе од 30%. После Нова Година ќе има покачување на цената на струјата, од најмалку 10% поради зголемувањето на стапката на ДДВ, а имајќи во предвид коланбираниот енергетски ситем, таа стапка се очекува да биде и повисока.
Македонскиот граѓанин, кој е на дното на листата од земјите во регионот според месечните приходи, одамна ја изгуби трката со трговците и производителите, кои секојдневно ги зголемуваат цените на основните животни намирници. Проекциите за 2023 та година за БДП од 2,9% се нереални, лажно оптимистички односно горната граница има значајни изгледи да биде пониска, а проектираната стапка на инфлација од 7.1% е на долна граница со значајни изгледи да биде сериозно повисока. Секоја година тврдите дека овој е буџет за економски раст.
Ставката во програмата Д5 за привлекување на СДИ во слободните економски зони се намалува за цели 66 милиони денари помалку од буџетот за 2022 година. За животната средина ,програма со најголемо апсолутно намалување е Унапредување на животна средина со пад од 68,8%, а потпрограмата Зелен развој има пад од 92,2% Страшо се покажаа овие зелениве. Земјоделците ќе се соочат со една од потешките години досега, намалени се доста средства од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Господине Министер една од главните флоскули на вашата влада Буџет е владеењето на правото. Воедно најмало учество во вкупните расходи по Владини програми има Јакнење на владеењето на правото со 0,00%. Парите се трошат недомаќински за вдомување на партиски војници, за заситување на бизнис интереси,за купување гласови и за лично богатење. Во програмата Јакнење на владеење на правото се планирани средства од 1 милион денари, или намалување за 50% како резултат на намалување на потпрограмата борба против корупција и организиран криминал која е проектирана со 0% ! Нема потреба да трошиме пари тука и така сме на дното по корупција, а на врвот во организираниот криминал. Во потпрограмата Финансиска поддршка на инвестициите исто бележи намалување за цели 107 милиони денари. Кај Министерството за финансии потпрограмата 2А за развојни проекти и финансиска поддршка на општините се намалува за цели 31,7% или 138 милион денари помалку ! Министерството за транспорт и врски во 3Г потпрограмата за Проектот за водоснабдување и управување со отпадни води се намалуваат 99 милиони денари или 22% помалку и нормално потпрограмата 3Б Водовод и канализација на општините се кратат 29 милиони денари или 12,8% помалку, а за локални патишта дури 246 милиони денари помалку или цели 33% помалку од колку актуелнава година ! Во програмата Реформи во јавната администрација се планирани 126 милиони денари помалку, а во програмата Интеграција во ЕУ, со акцент на Регионален развој се скратени средства во износ од 84 милиони денари помалку, односно 97 %. Власта ја разбира интеграцијата во ЕУ само низ призмата на потпишување на капитулантски договори. За унапредување на животна средина се претставува намалување од 1 милијарда денари, односно 68 %. Буџетските развојни потпрограми се посебна приказна !
Во потпрограмите на Министерството за образование во Енергетски ефикасна рехабилитација на студентски домови се кратат 45,7% или цели 117,4 милиони денари. Потпрограмата за реконструкција на основни училишта се крати за 17% или за цели 52 милиони денари. Потпрограмата за реконструкција на средни училишта се намалува за 14%, потпрограмата за изградба на спортски сали во основни училишта се намалува за 33 милиони денари, потпрограмата за изградба на спорски сали во средни училишта се намалува за 100% и е апсолутна 0, дециден е Стојаноски.

Тој рече дека студентскиот град одамна е заборавен,а во овој буџет потпрограмта за изградба и реконструкција на студентски домови е намалена за 30,8%.

– Програмата 5 за Ученички стандард е намачена за 63 милиони денари, а за студентски стандард за 221 милиони денари ! Катастрофа !
Министерството за здравство потпрограмата 1А Реконструкција и доградба на објекти на ЈЗУ се кратат 117 милиони денари или 45%, а потпрограмата 1К за Изградба на нов клинички центар за Скопје и Штип се намалува за цели 68% ! Во Министерството за труд и социјална политика потпрограмта 3А за Изградба, опремување и одржување на објекти од детската заштита се намалува за 13% ! Апсолутна лага е дека било каде се скратени непродуктивните трошоци ! Доволно е да се видат ставките за плати во сите институции и да се издиши и овој лажен балон на власта ! Непродуктивните трошоци се ‘’маскирани’’ под ставките Исплата по извршни исплати и ставката Комунални услуги, греење, комуникација и транспорт. Доволни се две институции за да се види расипничкиот нарав на оваа власт додека народот трпи за леб. Во буџетот на Владата кај категоријата Стоки и услуги планирани се 40 милиони денари повеќе односно 8,8%, а зголемување на ставка Договорни услуги со 72 милиони денари повеќе ! Во планираниот буџет во Службата за општи и заеднички работи со предлог буџетот има зголемување за цели 41 милиони денари кај ставките Патни и дневни расходи и Материјали и ситен инвентар ! И наместо да се скрати на непродуктивни трошења, на партиски вработувања, на луксузирање вие го правите спротивното. Па така во овој предлог на буџетот средствата за овие ставки насекаде растат.
И со оглед дека знам дека ќе се обидете да ја извртите оваа теза декларативно ќе ви набројам дел каде се:
-претседателот Стево Пендаровски кој што рече дека ако Скопјани немаат парно и тој ќе го исклучел греењето во Вила Водно, за загревање на истата за зголемил ставката за 113% .
-Владата на РМ ја зголемува ставката 401 – за плати за 9%, а внимавајте ставката 435 за договорни услуги за цели 62 милиони денари.
-Службата за општи и заеднички работи ја зголемува ставката 412 Патни и дневни расходи за фантастични 172%.
-Министерството за политички систем и односи за заедниците во програмата 10 за администрација има зголемување од цели 80% или 43 милион денари !
-Во Министерството за одбрана ставката 420 Патни и дневни расходи ќе се зголеми за 35,9%, ставката 423 Материјали и ситен инвентар ќе се зголеми за 31%, ставката 425 Договорни услуги за 73% и секако ставката 427 за Привремени вработувања за 5% !
-МВР ја зголемува ставката 420 Патни и дневни расходи за 45% !
-МНР ја зголемува ставката 425 за Договорни услуги за 30%, ама затоа ја намалува ставката за Иселеништво за 60% !
-Министерство за финансии ставка 425 Договорни услуги за 99,7%, а ставката 420 за Патни и дневни расходи за 30%, но намалување од 90% од ставката 488 Капитални дотации до ЕЛС !
-Кај Министерството за животна средина ставка 420 Патни и дневни расходи за 202% ! Ставка 425 за Договрни услуги за 40,9% !
-Министерство за земјоделие ставка 423 Материјали и ситен инвентар за 142%, а ставка 425 Договрни услуги за 124% покачување !
-Кај Министерството за труд и социјална политика ставка 420 за Патни и дневни расходи се зголемува за 46, %
-Министерството за информатичко општество и администрација ставка 420 Патни и дневни расходи за 8%, а ставката 424 Поправки и тековно одржување за 24,9%, наброја Стојаноски.

Пратеникот информираше дека ВМРО – ДПМНЕ ќе учествува во оваа расправа за буџетот со цел и желба да помогне.

– Поднесовме над 200 амандмани во кои се водевме по приоритетите за вистинско стиумулирање на економијата преку капитални инвестиции, и помош за кризите кои доаѓаат. Нашите предлози се резултат на континуирана комуникација со стопанските комори, синдикатите, студентите, средношколците, граѓанските организации и токму затоа имаме предлози во областа на даночната политика, образованието, научно истражувачката работа, здравството, инфраструктура, спортот, културата, земјоделство и тн. Се надевам дека мнозинството ќе се охрабри и ќе дискутира за истите и за доброто на народот и граѓаните на Република Македонија ќе ги прифати, додаде тој.

Најнови вести