Американските земјоделци се обидуваат да најдат решение за поскапите кредити пред новата сезона на сеидба, откако централната банка ги зголеми каматните стапки, покажаа податоците од Министерството за земјоделство и канцеларијата на ФЕД во Канзас Сити.
По есенската жетва и пред пролетното садење, повеќето американски земјоделци земаат краткорочни заеми со променливи каматни стапки за покривање низа трошоци, од купување семиња и ѓубрива до купување добиток и машини.
Кредитите ги враќаат по жетвата, со парите од продадените посеви, а потоа повторно почнува циклусот. Тие се задолжуваат главно до крајот на декември или средината на јануари за да ги искористат попустите на добавувачите и да го обезбедат она што им е потребно, со оглед на тесната глобална понуда на ѓубрива и хемикалии.
Во меѓувреме, Американската централна банка ги зголеми каматните стапки, а поскапите кредити ја оптоваруваат ликвидноста на некои земјоделци и ги поттикнуваат да ја намалат потрошувачката на ѓубрива и хемикалии, што значи и помала сеидба. Ова може да значи помал принос и да ги зголеми трошоците за производство.
Вкупните каматни трошоци во американскиот земјоделски сектор се очекува годинава да достигнат дури 26,45 милијарди долари и да бидат речиси 32 отсто повисоки од минатата година, покажуваат податоците на Министерството за земјоделство. Тоа е двојно, или и повеќе од двојно отколку во другите економски сектори во САД.