„Првото прашање ќе го упатам до министерот за здравство, и се однесува на продолжувањето на работниот однос на здравствените работници и соработници кои наполниле 64 години и имаат 15 години пензиски стаж. Според правен основ, измени и дополни на член 104 од Законот за работни односи во 2021 година, каде се дава можност со посебен закон односно lex specialis во случајот Законот за здравство да се продолжи работата најдолго до 67 години. Општествена оправданост е поради хроничен недостиг на кадар, егзодус на лекарите и соработниците надвор, насушна потреба од високо квалификуван кадар и нужност од добра здравствена заштита наша. Постапката е да директорот на здравствената установа по приемот на претходно изразената согласност од здравствениот соработник односно работник кој што ги исполнил условите за пензија да остане до 67 години, го потврдува тоа и го испраќа до министерот чија единствена надлежност е да го потврди. “, истакна Гордана Силјановска Давкова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на денешната собраниска седница по пратенички прашања.
Силјановска Давкова додаде дека нејзино прашање е зошто министерот за здравство постапува спротивно на Законот и се однесува како да од него зависи законското право. Според нејзе министерот мора да го штити јавниот интерес и здравјето на граѓаните. Не треба министерот да ги дискриминира колегите.
„Второто прашање е до премиерот, можеше и да биде до министерот за транспорт и врски, меѓутоа тоа би сакала премиерот и повеќе барам од него мислење одошто што е тоа директно прашање. А, се однесува на Македонски пошти“, нагласи пратеничката.
„Поштата е наша, на граѓаните, а не на директорите и на администрацијата. Затоа тие на чело на Поштата треба да се бираат врз основа на конкурс, врз основа на стручност и компетентност. И затоа јас прашувам кога Поштата ќе ни биде вратена нам на граѓаните? Бидејќи тоа е еден огромен објект кој што функционираше со децении и мислам дека час поскоро треба да се отворат портите на Поштата“, укажа Силјановска Давкова.
„Третото прашање се однесува на министерот за правда, на мојот колега, и е врзано за т.н. Јавно обвинителска трагедија. Како може да се реши проблемот со Јавното обивинителство? По мене и моите два предлози се, прво – оставка од првиот односно сонцето во јавното обвинителство кое се затемни. А, вториот одговор може да биде барање од предлагачот значи од Владата за разрешување на Јавниот обвинител. Но, прашањето до министерот е повеќе од стручен аспект – Имате ли вие трет предлог? имено, во програмата на СДСМ пишуваше дека предлагаат да се бира Јавен обвинител на предлог на опозицијата. Компаративните искуства покажуваат дека мнозинство за Јавните обвинители е повисоко. Зошто? Заради двотретинското мнозинство да има обединувачка улога. Значи, министре јас не барам од Вас да се мешате во правосудство, меѓутоа многу ме интересира како мислите дека треба да се разреши оваа јавно обвинителска правна трагедија“, нагласи пратеничката.