Инвестираме во капитални проекти за граѓаните, фокусот го ставаме на зелен и хуман развој на општината, вели градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
Транспаретност, ефикасност и оптимизација на трошоци. Во изминатата година покажавме дека инвестираме и се грижиме за граѓаните, но и со оптимизација на трошоците и домаќинско работење заштедуваме средства и вложуваме во нови капитални проекти и инвестиции.
Овој начин на работа продолжува и во наредниот период. Општина Аеродром во моментов го проектира буџетот за 2023 година во кој планираме инвестиции во неколку важни и капитални проекти. Проектирање и почеток на изградбата на две детски градинки и изградба на нов плоштад зад Капитол, доградба и надградба на две училишта и нови паркови во Аеродром се само дел од капиталните проекти кои ги најавуваме на следната година.
Важно е да споменеме дека фокусот ставен на зелен и хуман развој на општината продолжува и во следниот период со многу поголем интензитет и динамика. Тоа подразбира дека сите нови објекти кои Општина Аеродром ќе ги изгради во следниот период ќе имаат систем за енергетска обновливост и енергетска ефикасност.
Ги намалуваме непродуктивните трошоци и вложуваме во капитални проекти. За првпат Општина Аеродром следната година ќе издаде „зелена обврзница“ која ќе биде поддршка во реализација на капиталните инвестиции во време на економска и енергетска криза.
Следната 2023 година ќе биде година на интензивни капитални инвестиции.
Граѓаните на Аеродром заслужуваат модерна и развиена општина. Општина во која се гради и се инвестира. Општина во која се реализираат голем број капитални проекти и каде европските стандарди интензивно се реализираат и имплементираат, за што говори и последното признание кое Аеродром го доби од страна на Советот на Европа.