среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Приватните превозници протестираа пред ЈСП, бараа средба со директорот на претпријатието

Приватните превозници протестираа пред ЈСП, бараа средба со директорот на претпријатието

Приватните превозници денеска протестираа пред седиштето на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во Автокоманда, каде побараа средба со директорот.

Тие од директорот на ЈСП бараат објаснување за неисплатениот долг кој, како што велат, заклучно со ноември ќе изнесува околу два милиони евра. Се очекува во текот на денот да остварат средба и со сите советнички групи на Советот на Град Скопје за изнаоѓање решение на проблемите со кои се соочуваат.

Веќе петти ден приватните превозници не сообраќаат поради неисплатениот долг на ЈСП кон нив.

Тие вчера беа обвинети од градоначалничката на Градот Скопје Данела Арсовска дека од 2017 година наплаќале билети и парите не ги пријавувале, а фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец. Во демант на таквите обвинувања превозниците порачаа дека воопшто не се вклучени во наплатата на билети.

Пред пет дена беше соопштено дека автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, нема да сообраќаат поради немање средства за нафта затоа што ЈСП „Скопје“ односно Град Скопје не го исплатил долгот кон компанијата, а потоа беа исклучени и приградските линии 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73. Откако автобусите на приватните превозници не возеа, беше одржана средба со претставници на Град Скопје, но таа заврши без позитивен исход.