Општина Вевчани во соработка со Центарот за развој на Југозападниот плански регион, подготвува предлог проекти за обезбедување финансиски средства за реконструкција на дел од улицата Трафо-Бубаној-Смолјеца и изградба на нов систем за греење во детската градинка „Планински цвет“, информираше градоначалникот Спасе Кочовски.
Тој посочи дека со директорката на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска, ја утврдиле динамиката за реализација на одобрените проекти во рамките на програмата за рамномерен регионален развој за 2022 со индикативно планирани средства за 2023 година. Според тоа, деновиве треба да отпочнат постапки за реализација на градежни работи за изградба на улицата Попој-Млака и реконструкција на кујната во детската градинка „Планински цвет“.
-За следната година, предвидена е изградба на нов енергетски ефикасен систем за греење на објектот на Детската градинка, со цел замена на котелот на течно гориво со нови енергетски ефикасни топлотни пумпи воздух-вода, како и поставување нов систем за вентилација на занималните со рекуператори со кој ќе се овозможи обезбедување на неопходниот свеж воздух, без отворање на прозорци, истакна Кочовски.
Тој додаде дека се обезбедени финансиски средства за реализација на неколку инфраструктурни проекти следната година. (МИА)