Од денеска почнува амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2023 година. Поднесени се 263 амандмани од кои 199 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во понеделникот заврши општата расправа во текот на која власта и опозицијата ги изнесоа своите ставови. Според парламентарното мнозинство, проектираните буџетски ставки ќе овозможат економско заздравување и справување со последиците од енергетската криза, а опозицијата смета дека станува збор за историски највисок, инфлаторен и расипнички буџет.
Во Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто.
Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повисоко во однос на планот за 2022 година.