Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да продолжи амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2023 година.
Во петокот беа разгледани поголем дел од амандманите поднесени од опозицијата кои главно се однесуваа на изградба на регионални и локални патишта и водоснабдителни системи.
Министерството за финансии прифати неколку амандмани, но во видоизменета форма, а дел од предлагачите ги повлекоа своите амандмани.
За Предлог-буџетот беа поднесени вкупно 263 амандмани од кои околу 200 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
По амандманската расправа во Комисијата за финансирање и буџет, Предлог-буџетот со прифатените амандмани треба да се најде на пленарна седница во Собранието на усвојување.
Во Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година.