Ние како пратеничка група денес доставивме една иницијатива до Комисијата за одбрана и безбедноста каде што го повикавме министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски да даде една своевидна информација за до каде и каква е актуелната состојба со дојавите за бомбите. Пред да разговараме со некого требаме првин да се запознаеме со проблемот бидејќи постојано секојдневно сме сведоци на само што не се решил проблемот. Нели министерот Спасовски постојано излегува на телевизија и ни кажува само што не се решил проблемот. Но, ова очигледно е друго кога ќе биде кажано во Парламентот, во Собранието, кога ќе биде официјално“, истакна Бети Стаменкоска Трајкоска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Аргумент плус“ на Телевизија 24.
Стаменкоска Трајкоска додаде дека јавноста гледа министерот за внатрешни работи ја менаџира работата.
„Ова што се случува е психолошки терор. Буквално така би сакала да го објаснам сето ова што се случува секојдневно. Првенствено да се намали сета оваа стресна ситуација која се случува, лично сметам дека треба позголемено присуство на припадниците на министерството за внатрешни работи околу училиштата. Друго е кога учениците ќе гледаат од една страна нивно присуство. Моментално сметам дека во оваа ситуација би влевало одредена сигурност дека некој се грижи за нив“, рече пратеничката.
Таа посочи дека потребно е протокол, потребно е анализа за вакви ситуации.
„Барем денес вестите кои ги имаме и информациите кои ги имаме од министерот не е дека не можат да се справат, туку тие се чекор да се справат со сето тоа. И пред скоро три месеци истото го велеа дека се на чекор да се справат со тоа. Министерството за внатрешни работи има експерти, има структура, но менаџерскиот тим не ја работи добро својата работа“, нагласи Стаменкоска Трајкоска.
Пратеничката укажа дека сомнежот оди во правец да министерството за внатрешни работи намерно не се справува со оваа тема со дојава на бомби, за да други криминални дејанија одат во позадина.
„Ако може премиерот да излегува на прес конференција и вика дека во целосен капацитет работат за да го надминат проблемот, каде е капацитетот? За да одат приватните бизниси на премиерот“, запраша таа.
Стаменкоска Трајкоска рече дека ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која е во опозиција во моментов. Опозицијата нуди решенија, но таа не е надлежна да ги спроведува.