Предлог измените на законот за добивка за кои реагираа и коморите не се добри воопшто, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на Бутел одговарајќи на новинарско прашање и потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ со сите сили во Собрание ќе се обиде да го блокира тоа, а доколку власта го донесе идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати назад.
– Не е добро воопшто, ние сме само опозиција и не можеме освен коментар и амандмани во моментов било што друго да направиме и апсолутно застануваме позади барањата на коморите дека ова не треба да биде имплементирано. 5,3 милијарди евра рекорден буџет не е за доброто на граѓаните, тоа е за лошото на граѓаните и на компаниите и бизнисот, рече Мицкоски.
Тој додаде дека ваков буџет е само за доброто на малкумина владини функционери и министри е добро да имате 5,3 милијарди евра буџет.
– Тој мора да го наполните, тие пари не можат наеднаш да дојдат од некаде со помош на магија. Тие пари мора да бидат од некаде собрани, или од граѓаните или од стопанството, за да можат да му дадат 200 милиони на Липково, а на Бутел и Штип нула, нагласи тој.
Мицкоски посочи дека тоа се пари од народот, граѓаните ќе ги полнат а власта ќе си договара тендери во 4 очи и ќе краде.
– Затоа кога зборувам дека се потребни предвремени парламентарни избори, мислам за спас на Македонија и да се спасиме од овие политики. Можам да ветам дека ако одлучат тоа да го направат, со сите сили во Парламентот тоа да го блокираме колку што можеме, а идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати назад како што беше и ќе почнеме со политика на намалување на рамниот данок од 10 на 8% што беше наше основно ветување. Здраво стопанство отвора добро платени работни места и обезбедува иднина за Македонија, истакна Мицкоски.