петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Нови американски санкции за иранските функционери, меѓу нив и јавниот обвинител

Нови американски санкции за иранските функционери, меѓу нив и јавниот обвинител

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден денеска воведе нови санкции против Иран поради обидот да ги задуши антивладините протести кои не престануваат од средината на септември.

Нови на списокот санкционирани се главниот државен обвинител и уште четворица други функционери, како и компанија која обезбедува услуги на иранските безбедносни сили.

Според соопштението на Министерството за финансии на САД, цел на санкциите се јавниот обвинител Мохамад Џафар Монтазери, двајца високи команданти на Иранската револуционерна гарда и двајца членови на Басиџ – паравоена доброволна група која често насилно наметнува строги правила на облекување и однесување во иранското општество.

Во соопштението, Министерството нагласува дека Монтазери раководел со кривичното гонење на демонстрантите, од кои некои беа осудени на смрт и егзекутирани.

Компанијата која се најде на санкционираната листа е „Имен Санат Заман Фара“ која произведува оклопни возила и друга опрема за иранските вооружени сили.

Во Иран се случуваат едни од најголемите протести откако со исламскиот пуч во 1979 година се создаде теократска држава.