понеделник, 20. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Папазов: И покрај сите предизвици, успеавме да реализираме многу во 2022 година

Папазов: И покрај сите предизвици, успеавме да реализираме многу во 2022 година

И покрај сите предизвици со кои што се соочивме во 2022 година, како што се последиците од светската економска и енергетска криза, како и секојдневните блокади од институциите на централната власт, успеавме да реализираме многу проекти во текот на 2022 година.

Ова беше една од главните поенти на Љупчо Папазов, градоначалник на Кочани на средба на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ коалицијата која што се одржа во Кочани.

– Во 2022 реализиравме капитални проекти во износ од околу 140 милиони денари, пред се во областа на комуналната инфраструктура. Како најважни можам да ги издвојам реконструкцијата на градскиот парк, реконструкцијата на улицата Стево Теодосиевски, изградбата на фекалната и атмосферската канализација во Оризари, како и изградба на фекална канализација во село Тркање со приклучок кон пречистителната станица во Мојанци со што се решава децениски проблем на жителите од ова населено место. Во делот на реконструкција на улиците, можам да ги споменам и улиците Маршал Тито во Грдовци, Христијан Тодоровски Карпош во Оризари, асфалтирање на улицата Смилевски конгрес, реконструкција на Јордан Зафиров и многу други.

Покрај комуналната инфраструктура, Папазов се осврна и на големиот број на реализирани проекти и мерки и во другите области кои се во надлежност на Општина Кочани, како што се обуката на 16 негуватели за давање на услуги во домовите за повозрасните лица, доделувањето на стипендии и награди за најуспешните ученици, како и мерките од областа на екологијата во вид на доделување на субвенции за граѓаните за набавка на инвертер-клима уреди и печки на пелети за еколошко загревање на домовите, како и за набавка на велосипеди.

Папазов додаде дека сето ова е реализирано и покрај сериозните проблеми со кои се соочиле годинава, во вид на целосна инфлација и поскапувања на сите енергенси, услуги и репроматеријали, како и константната несоработка со органите на централната власт кои во континуитет ги игнорираат барањата на локалната самоуправа.

Средбата на градоначалниците беше организирана од страна на Комисијата за локална, Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт и Комисијата за финансии при ВМРО-ДПМНЕ.