понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ВМРО-ДПМНЕ: Костадиновска Стојчевска потврди дека владата нема капитални инвестиции на полето на културата

ВМРО-ДПМНЕ: Костадиновска Стојчевска потврди дека владата нема капитални инвестиции на полето на културата

Реакција на прес-конференцијата на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска од Централна комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ.

На денешната прес конференција одржана од страна на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска повторно се искажаа флоскули и празни ветувања во однос на културата, поточно во однос на буџетот за култура за 2023 година. Очигледно власта ја погоди дискусијата во Собранието и континуираните реакции на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ, па денес брзоплето излегоа да бранат нешто што не се брани.

Бадијала се правдањата дека пари во културата има повеќе од минатата година кога програмските средства за сите дејности во културата се всушност скратени за околу 35% во споредба со 2022 година, а да не зборуваме во споредба со подолг изминат период. Она што се прикажува како раст се всушност зголемувањата во ставката плати во согласност Колективниот договор што значи дека нема простор за фалба за нешто што е тековно и согласно Закон за минимална плата. Зголемувањето во ставката комунални услуги е исто така нормална со оглед на тоа дека токму оваа влада не успева да се снајде во енергетскиот хаос што го создаде па цената на струјата и парното вртоглаво се зголемува. Тоа што институциите ќе си ги платат сметките не треба да се прикажува како успех и „голем буџет во културата“.

Културното наследство е девастирачки запоставено. Така на пример во предлог Буџетот за 2023 година во делот кој се однесува на Управата за заштита на културното наследство воопшто не е земен предвид Извадокот од Нацрт-записникот од педесет и осмата седница на Владата одржана на 5. Јули, 2022 година со кој се задолжува Министерството за финасии да обезбеди средства во висина од 50.000.000 денари во Буџетот за 2023 година и 22.7000.000 денари во Буџетот за 2024 година за реализација на проектот – Возобновување на Св. Климентовиот универзитет на Плаошник.

Согласно предлог Буџетот во програма 22, група 48 за капитални расходи на ставката 482 во делот којшто се однесува на Универзиетот Свети Климент кај Плаошник предвидени се средства само за обезбедување и тоа во износ од 2.600.000 денари.

Иста е ситуацијата и во однос на делот за евиденција на културното наследство каде се предвидени само 1.000.000 денари, а согласно Извадокот од Нацрт-записникот четвртата седница на Владата одржана на 21. јануари, 2020 година дадена е согласност за преземање обврски во програмите опфатени со развојниот дел од буџетот за изработка на софтверско решение за водење на заштитна евиденција, презентација и дигитализација на културното во вкупна вредност од 9.300.000 денари. Согласно утврдената динамика средствата требаше да бидат обезбедени заклучно со 2022 година, а до сега се обезбедени само 3.000.000 денари.

Во однос Управата за заштита на културното наследство во програма 20, група 48 за капитални расходи воопшто не е предвидена ставката 485 која се однесува на средства за експропријација. Средства за експроријација не беа предвидени ниту во буџетот за 2022 година и покрај Извадокот од Нацрт-записникот од Сто и првата седница на Владата одржана на 24. Август 2021 година каде се задолжува УЗКН и Министерството за култура во соработка со Министерството за финансии за обезбедување соодветни финансиски средства за 2022, 2023 и 2024 година. Инаку овие финансиски средства се однесуваат за експропријација за парцели кај Аквадуктот, Скупи, Била Зора и парцели во Охрид.

Најавуваната грижа за културното наследство и ставање на одредени видови културно наследство во категоријата културно наследство во опасност (пр: манастирот „Матејче“), во делот за заштита на културното наследство, како и најавуваната исклучителна посветеност кон културното наследство се сведува на преполовување на и онака скромниот буџет.

На прес конференцијата претседателот на Владата изјави дека оваа Влада вложува во автентичната презентација на македонската култура, а во предлог-Буџетот  за 2023 година на Управата за заштита на културното наследство воопшто не е предвидена ставка за промоција на културното наследство како на домашно така и на меѓународно ниво. Последен пат средства за промоција на културното наследство се одобрени во 2018 година.

И додека Министерката демантира дека се скратени средствата за македонските културно-информативни центри во странство како и за поддршка на дефицитарни кадри, млади таленти и почетници во културата во буџетот за 2023 за Меѓународната соработка во културата се предвидени 32 % помалку финансиски средства во споредба со претходната година!

Врвот на непознавањето на културата министерката го докажа со изјава на прес конференцијата дека секторот за Културни и креативни индустрии е „НОВ“ сектор. Потсетуваме дека од 2009 година до 2017 година, Министерството за култура секоја година објавуваше посебен Конкурс за проекти, а за шест години беа поддржани преку 300 корисници само од областа на креативните индустрии, при што на крајот од годината беа организирани, изложби и презентации од реализираните проекти.

Со поддршка на министерството беа организирани и тематски креативни работилници, обуки за културните оператори, конференции и форуми, а беше донесена и Стратегија и акциски план за развој на креативните индустрии во Република Македонија и најзначајното од сѐ е дека беа реализирани бројни самовработување на млади, кои и ден денес егзистираат благодарение на таа иницијална поддршка! За жал, вашите Владини политики сето ова го ускратија!

Доказ дека оваа Влада го заборави овој сектор е Извештајот за влијанието на Ковид 19 кризата во секторот на Културни и креативни индустрии (ККИ) од Платформата за културни односи, објавен на 20.12.2022 каде е опфатен периодот не само за време на пандемијата, туку и претхдоно, поточно од 2017 до 2022 година. Заклучокот на анализата од овие пет години во однос на поддршката на државата на ККИ вели:

„Според достапните информации, состојбата на ККИ во Македонија има сериозни предизвици дури и пред Ковид 19 пандемијата, односно кризата само ги засили проблемите во овој сектор и ги направи уште повидливи, односно ККИ секторот се соочува со: политичко влијание, партизација, корупција во јавниот културен сектор, нефункционална легислатива особено во доменот на авторските права (потешкотии на имплементирање на регулативите во регулирање на авторските права), нетранспарентност, нефункционална администрација, недостаток на соодветни законски и подзаконски регулативи и механизми, популистички приод кон јавните средства (нема доволно за сите), недостаток на јасна стратегија, недостаток на одговорност во јавните институции, несоодветно менаџирање на човечки ресурси (необучен кадар поставен од страна на министер или политичка партија), и скоро НИКАКВА поддршка на секторот ККИ од 2017 година денес“.

Министерката и на оваа Прес конференција потврди дека НЕМА капитални инвестиции, туку се’ уште се потпираат на објектите изградени и планирани од ВМРО ДПМНЕ. Тоа што еден објект (МНТ) намерно не се оддржува и се остава да пропаѓа е вина на менаџментот кој, во оваа институција, а и во Археолошкиот музеј, послушнички и со намера не се грижи за објектите што последователно прави проблеми. Срамота е премиерот да зборува за вредноста на иконите во Музеј на Македонија и по скоро шест години на власт најавува реконструкицја на зградата. Па што правевте до сега, освен што менувавте министри и директори секоја година?

Министерството за култура не реагира ниту на кршењето на посебниот Закон за Старата Скопска чаршија, па премолчува на рушење на култни објекти (како објектот Шар) и градење монструми во сред Скопската чаршија која е заштитена како културно наследство од прва категорија.

Министерката по којзнае којпат и на денешната прес конференција покажа еклатантно непознавање на квантитетот и квалитетот на севкупната македонска културна и уметничка продукција велејќи дека не е запозната со серијата ЦРВЕНИОТ ПОЕТ. Министерке, Ве потсетуваме дека  неприкажувањето на снимената играна серија „Црвениот поет“ е резултат на  цензурирањето на слободната творечка мисла која се случува токму во ваше време.

Министерке, која е оправданоста, на веќе постоечките институции од културата да им се скратат 35% од предвидените средства за програмски дејности (со последниот релабалнс на Буџетот за 2022 година), а само два месеци подоцна да се формираат три нови Национални институции во културата? Како една иста Влада носи Одлука која е во колизија со нејзина претходна одлука од 88. седница (бр 41-8949/2 од 10.10.2022) во која се задолжуваат буџетските корисници да спроведуваат политика за фискална одржливост и да ги рационализираат и оптимизираат вработувањата во јавниот сектор согласно претходно изготвената функционална анализа, која вели да се намали бројот на систематизирани вработувања!?

Критиката, особено кога е основана и вистинита БОЛИ. Бадијала ви е секој ден да се правдате кога сликите, фактите и аргументите кажуваат се’!

Најнови вести