Финишираат преговорите за проширување на владината мнозинство. Извршниот одбор и Централниот одбор на СДСМ денеска ќе одржат седници, на кои се очекува претседателот на партијата и премиер Димитар Ковачевски да го презентира исходот од разговорите со Алијанса за Албанците за приклучување кон владејачката коалиција, како и понудата до актуелниот коалициски партнер Алтернатива со чиј лидер Африм Гаши вчера имаше средба.
Од Алтернатива не откриваат детали за исходот од разговорите помеѓу Ковачевски и Гаши и најавуваат дека одлука за натамошното делување нивните партиски органи ќе носат откако, како што велат, ќе се формализира новата коалиција.
Министерот за здравство и потпретседател на Алтернатива, Беким Сали вчера изјави дека партијата се уште нема добиено „конкретен предлог на маса“ за нејзините позиции во идната влада, додавајќи дека немаат информација за тоа што би добила Алијансата за Албанците за приклучување кон парламентарното мнозинство, па затоа и не може да коментира кои се позициите на Алтернатива.
Од АА претходно за МИА информираа дека е постигнат договор за нивен влез во владината коалиција, согласно кој партијата во идната Влада ќе има три члена и тоа министри за правда и за здравство, додека за третото место во игра се позицијата вицепремиер задолжен за економски прашања или прв човек на Министерството за информатичко општество и администрација.
Од СДСМ, пак, посочија дека разговорите околу новото парламентарно мнозинство се во тек и не е ништо конечно, и штом има нешто во интерес на јавноста ќе информираат официјално. Потпретседателот на СДСМ Перо Костадинов во телевизиско гостување синоќа истакна дека СДСМ разговара за проширување на мнозинството со сите коалициски партнери, коишто го прават парламенатрното мнозиство.
СДСМ работи на зголемување на мнозинството со усогласување на програмските, политичките, кадровските потенцијали со потенцијалните нови коалициони партнери, без да се доведе во никаква корелација дека некој би требало да замине, нагласи Костадинов, истакнувајќи дека коалициската влада предводена од СДСМ се стреми кон најважниот процес и државна цел – зачленувањето во ЕУ.
Според изворите во Алијансата за Албанците, партијата ќе добие и заменици министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и за одбрана, како и двајца државни секретари, од кои едниот е во Министерството за труд и социјална политика, додека вториот ќе биде дополнително утврден. Меѓу директорските места што би ги добика Алијансата за Албанците се во „Пошта на Република Северна Македонија“, МЕПСО, Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за управување со одземен имот, како и заменици-директори во Царинската управа, Управата за јавни приходи (УЈП) и ЕСМ.
Според најавите, по средбата со актуелните коалициски партнери премиерот Ковачевски треба да има средба и со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, со цел конечно да се прецизираат ресорите со кои ќе раководи партијата како нов владин партнер.
Според извори од Алијансата за Албанците конечниот договор за приклучување на партијата кон парламентарното мнозинство би требало да финализира најдоцна денеска, бидејќи од петок Таравари заминува на службено патување.
Премиерот Ковачевски завчера изјави дека изминатите денови е постигнат „добар прогрес“ во преговорите со Алијансата за Албанците во делот на програмските определби и кадровското екипирање.
– Разговорите се водат во навистина добар дух и во атмосфера на постигнување на договор со цел државата да има мнозинство во Парламентот што има единствен став во однос на интеграцијата на државата во Европската унија и придржување кон сите меѓународни норми за кои што веќе сме пример во регионот, истакна Ковачевски, потенцирајќи дека целта на разговорите е проширување на европскиот капацитет на владината коалиција.
Според него, генерално во разговорите со Алијансата за Албанците немало проблем околу распределба на раководните места во институциите, туку се разговара за преземање на одговорност во рамки на кадровскиот потенцијал на секој коалициски партнер и во делот на учество во владиното мнозинство.
Во однос на коалициската соработка со Алтернатива, Ковачевски истакна дека оваа партија е значен партнер на Владата за која има исклучително високо мислење, како и за сите владини партнери.
-Се надевам дека ќе може да се постигне позитивен исход од тие разговори, со цел сите заедно да може да продолжиме со градење на коалиција што се залага за европска Македонија и ќе обезбеди влез на Северна Македонија во Европската унија до 2030 година, изјави завчери Ковачевски пред да се одржи вчерашната средба.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, не очекува влезот на Алијанса за Албанците (АА) во Владата да ги промени работите, туку, како што вели, ќе ги влоши.
-Се губи надежта кај граѓаните, дека може нешто да биде подобро. Дали АА ќе влезе или не тоа е претпоставувам одлука на раководството на АА, одлука на коалицијата СДСМ – ДУИ и за десетина месеци колку имаат пред нив и под услови да нема предвремени не очекувам нешто повеќе да се променат работите, туку ќе бидат се полоши, ќе имаме неколкумина побогати политичари, а народот буквално нема да добие ништо, рече Мицкоски.
Од АА реагираа на изјавата на Мицкоски изразувајќи жалење што тој и ВМРО-ДПМНЕ, како што велат, се уште не излегле од стариот менталитет каде што Владата ја гледаат само како средство за богатење.
-За нас оваа година е важна и одлучувачка година за иднината на државата и на граѓаните. Сè додека ВМРО-ДПМНЕ е против уставните измени, а кои што се услов за отворање на преговорите со ЕУ, не можеме да придонесеме за изолација на државата, туку сакаме да дадеме време на отворањето на европската перспектива, наведуваат меѓу другото од АА.